mora_moratorim_lagadin_640x360

Протест против неконтролираната урбанизација во Охрид

Охрид, 31. јули 2018 (ОХРИДПРЕС) – Со мирен протест кој го нарекоа уметнички културен манифест, неколку граѓански здруженија денес повторно ќе побараат мораториум за градење на охридското крајбрежје.

Организатори се Охрид SOS и Здружение „Стар Лагадин“, поддржан од Здружение за заштита на животните и животната средина Е.Д.Е.Н., Go green – Биди зелен и Фронт 21/42.

Поканети се сите посетители и вљубеници во овој регион, кои сакаат да го заштитат Охрид и неговото крајбрежје, да не се дозволи да продолжи бетонизацијата на охридското крајбрежје.

protest ohrid sos– Да не дозволиме охридскиот регион да го изгуби статусот на Светско наследство на УНЕСКО! Да не дозволиме хотелот-монструм во Лагадин да се изгради како симбол на самоволието на поединци за кои важи само законот на парите и регионот сè повеќе да се оддалечува од можноста за одржлив развој во кој благодатта ќе ја уживаат сите! Дојдете да си ги вратиме езерото и крајбрежјето назад. Иако УНЕСКО побара мораториум на градење на целата територија на доброто, сè уште се гради спорниот хотел во Лагадин, сè уште се тампонира струшкиот брег, неплански никнуваат нови градби и продолжуваат плановите за девастирачка урбанизација на охридскиот регион, порачуваат организаторите.

Протестниот перформанс ќе започне во 10:30 часот пред спорниот хотел во Лагадин, по што поворката со возила ќе се упати кон Охрид, со попатно застанување кај Св. Стефан, Горица и Студенчишко блато. Крајната дестинација е пред зградата на општина Охрид, каде од 12:00 часот ќе се одржи предвидениот културно-уметнички протестен манифест. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива