lidijapetkoska

ВМРО-ДПМНЕ: Ветениот туризам 365 дена во годината е невозможна мисија за безидејниот СДСМ

Охрид, 6. јули 2018 (ОХРИДПРЕС) – Очекувавме Охрид да се развива во модерна туристичка дестинација, но поради профитот, СДСМ и градоначалникот Стојаноски го загрозија угледот на Охрид.

Со нивната безидејност, незнаење и немање план добивме хаос во поставувањето урбана опрема и останати реквизити за забава, порачаа на денешната прес конференција од ОК на ВМРО-ДПМНЕ.

– Ѕидините на Самоиловата тврдина се затскриени со тезги. Каде е плоштадот на уметноста кај Долна порта и културното катче? Владее хаос кај Амамот и Градскиот плоштад. По Кејот бокс апарати, надуени реквизити, мал автодром, вовчиња насекаде, само не на точно одредени локации. Чинарот како знаменитост воопшто не е достапен за туристите. Добивме Лесковачки роштиљ туризам на изградената пешачка и велосипедска патека. Со која ли метода, со кој ли елаборат за животна средина и која ли работна група одлучила дека е оправдано поставување на угостителски објект на самата велосипедска патека? Почитуван градоначалник Стојаноски, го уништувате Охрид, а секојдневно упорно нè убедувате дека ветениот туризам 365 дена во годината е невозможна мисија за безидејниот и несовесен СДСМ. Каков туристички прoизвод им нудите на туристите и каде туристите можат да пробаат локални производи? Кои атрактивности ги нудиме во нашата приказна? Господа од СДСМ, време е да се свестите дека сите живееме од ист производ, а тоа е туризмот. Не ја добивте поддршката од охриѓани, за да им го уништувате она што им е свето. Затоа, надминете се себе си и грижата за туризмот препуштете им ја на оние кои можат, сакаат и знаат да му се посветат, на оние кои умеат да го осмислуваат и унапредуваат, истакна Лидија Петкоска, советник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. (Крај)

извор: ВМРО-ДПМНЕ фото: ВМРО-ДПМНЕ