Spase Prentoski

Прентоски: Променливото време и честите врнежи го намалија бројот на пожари во Охрид

Охрид, 10. август 2018 (ОХРИДПРЕС) – Променливото време и честите влажни и дождливи периоди го намали бројот на пожари во Охрид. Од почетокот на годинава досега Територијалната противпожарна единица интервенирала вкупно 160 пати, за разлика од лани кога во истиот период бележи 222 интервенции.

Пожарникарите во овој период најмногу интервенирале на објекти, 99 пати, 56 интревенции биле на отворен простор и 5 на сообраќајни средства.

Минатата година имавме многу интервенции на отворен простор, што е карактеристично за таква сува сезона каква што имавме, потенцира за Супер радио и OhridPress командирот на охридската противпожарна единица, Спасе Прентоски.

pozar andon dukov– Годинава бележиме 62 интревенции помалку. Тоа се должи на врнежите кои придонесоа да нема палење огнови, посебно на отворен простор. Од друга страна пак сега ќе биде проблематично тоа што влажното време донесе бујна вегетација на отворен простор. Покрај пожари каратеристично за оваа година во текот на сезоната имаме многу технички интервенции од типот на спасување и извлекување на лица од сообраќајни незгоди, отклучување на станови, обезбедување на манифестации како и вршење дотур на вода. Од почеток на годинава досега имаме 41 техничка интервенција и 53 други интервенции. Во однос на минатата година бројот е приближно ист, но тоа не е мерило и оди во зависност од потребите и временските прилики, вели Прентоски.

Што се однесува до бројот на интервенции во текот на ова лето, во јуни се регистрирани само 6, за разлика од лани кога имало 18, додека во јули се евидентирани 16 интервенции, а минатата година дури 38. Прентоски потенцира дека 2017-та е година со убедливо најмногу пожари во последниве две децении, кога биле евидентирани вкупно 355 интервенции.

pozarnikari5Прентоски е дециден дека како служба се подготвени и стојат на располагање да одговорат на секаков предизвик.

– Посакувам техничките интервенции, особено оние во делот на сообраќајни незгоди да ги има што помалку. За жал овие два месеци ги имаме можеби во најголем број, некои и со смртни последици. Очекуваме во месеците пред нас, особено септември, да се јават повеќе пожари, бидејќи завршува жетвата, често е и палењето на стрништата, потенцира Прентоски.

Тој повторно апелира до граѓаните, осебно во населените места и оние кои гравитираат во шумските подрачја, да избегнуваат палење на оган на отворен простор заради избегнување на појава на пожари, внимателно да го користат огнот како потреба за било која намена. Казнените мерки се големи, а причината за настанување на пожар лесно може да се утврди. На одредени места имало поставено и камери на кои може да се види предизвикувачот на евентуален пожар. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес