Промоција на романот „Превртена љубов“ во Охрид

Охрид, 11. август 2018 (ОХРИДПРЕС) – Во кафе бар „Зона гарден“ во Охрид, вечерва ќе се одржи промоција на романот „Превртена љубов“ од Дора Попова.

– Дали сте подготвени да запливате во длабочините на несвесното кај една 25-годишна студентка по медицина, која решава да замине далеку со само еден мал куфер за да побегне од темнината што ја завива насекаде околу неа? Копнежот да ги оствари своите недостижни соништа е единствената надеж што ѝ ветува излез од мракот во кој има доживување дека се наоѓа. Но што кога ќе сфати дека нејзиниот копнеж е само една голема лага и дека темнината не е надвор од неа, туку дека ја носи во себе каде и да оди? Онаа темнина на човечкото несвесно која живее во секој од нас и на која малкумина ѝ погледнале во очи. Онаа темнина која по навика го тера човекот да ја повторува својата судбина, а со која тој упорно се бори јалово. Онаа темнина која штом еднаш човекот ја претвори во светлина, станува божествено битие. Доколку се уште не сте ја прочитале оваа вртоглава приказна за младата Лорена, а би сакале, повелете на една нова читателска дружба и промоција на 11-ти август во Охрид, во кафулето „Зона гарден“ (до Сараиште) во центарот на градот од 19.30 часот, порачуваат организаторите. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива