Хуманоста како инспирација за шампионски подвиг: Јана вети дека ќе се врати во Охрид како победник

Охрид, 20. август 2018 (ОХРИДПРЕС) – Синоќа во Охрид се одржа хуманитарниот настан за помош во лекувањето на охриѓанката Јана Арсовска, која храбро се соочува со уште еден голем предизвик во својот живот и во моментов се наоѓа на лекување во Германија.

Јана престојува на малтешката клиника во Фленсбург, и во следниот период треба да и се изврши трансплатација на коскена срж, а со цел да и се помогне нејзиното лекување, како и престојната медикаментска фаза и идните контроли кои треба да се прават во клиниката, хуманите охриѓани организираа хуманитарна забава, за, како што велат: „нашата и ваша другарка, пријателка, соработничка Јана Арсовска“.

„Од Срце за Јана“ се одржа синоќа на бродовите „Александрија“, „Александрија 2“, „Галеб“ и „Кристина Ројал“ со учество на бендовите Shine, Balter и Dj Face, а вкупниот промет од продажбата на картите за бродовите и пијалаците во текот на вечерта ќе оди за помош на нејзиното успешно справување со овој голем предизвик пред кој е исправена.

Големата хуманост и искрена љубов со која многу граѓани несебично решија да и дадат поддршка беше забележана и на видеото за време на настапот на Дамјан Пејчиновски и Јордан Манов од дуото Shine, снимено како специјален поздрав, инспирација и мотивација на Јана.
Охриѓанката не остана рамнодушна на големата хуманост на нејзините сограѓани, и на својот профил на Facebook напиша:

Драги мои, од срце Ви заблагодарувам за вашата љубов и поддршка! Оваа вечер сите бродови пловат во името на една долга борба за победа, а јас Ви ВЕТУВАМ дека ќе се вратам како победник, во мојот Охрид, покрај моето езеро, за да може заедно да пловиме во нови предизвици што живот значат. Оваа вечер сите бродови пловат во името на љубовта и пријателството, столбовите на мојата насмевка и среќа. Драги мои, Ви благодарам што оваа вечер ми ја посветивте мене, а јас ви го посветувам МОЈОТ НОВ ЖИВОТ <3 Ве гушкам сите и ви посакувам добро здравје и бескрајна љубов <3 И нека оваа вечер, мојот ОХРИД биде симбол за сите ШАМПИОНИ, и нека плови во едно подобро утре, сите да бидеме здрави <3 ВЕ САКА ВАШАТА ЈАНА :*

Охрид уште еднаш покажа вредности со кои градот на Климент и Наум може да се гордее. Во очекување на добри вести од Јана, и посакуваме добро здравје и шампионски – со голема победа да ја заврши битката која во моментов ја води. (Крај)

извор: The King фото: Петар Паунче