kurbanbajram

Верниците од муслиманската вероисповед го слават Курбан Бајрам

Охрид, 21. август 2018 (ОХРИДПРЕС) – Со утринската молитва сабах-намаз, а потоа и со молитвата бајрам-намаз почнува тридневна прослава, во која почитта кон Алах муслиманите ја искажуваат со колење курбан.

Курбан Бајрам е 70 дена по првиот Бајрам во годината, Фитр Бајрам, а го обележува денот кога е комплетиран Светиот куран.

Хуманизмот, хармоничните односи меѓу луѓето, меѓу човекот и светот и стремежот кон мир и благосостојба, како основни принципи на Исламот, на Бајрам се исполнуваат со посетување на роднините и пријателите и со честитки и добри желби за секој намерник.

Со овој празник се крунисува аџилакот, кој важи за петти темел на исламот, кој е доказ за солидарност и благосостојба.

Денес, првиот ден на Курбан Бајрам, е неработен ден за верниците од муслиманската вероисповед во Република Македонија.

Градоначалникот на Охрид, проф. д-р Јован Стојаноски денес ќе присуствува на подготовките за овој празник, кои традиционално се одржуваат во дел од комплексот „Отекс“ во Охрид. Тој испрати и честитка до муслиманските верници со желби за радост, среќа, благосостојба и душевен мир.

– Вербата во Бога нека не води по вистинскиот пат и постојано  меѓу луѓето нека владее разбирање, без разлика на етничката, верска  или било  каква припадност. Курбан Бајрам е празник кој означува меѓусебна почит, солидарност, празник кој ги изедначува луѓето. Како дел од ова мултикултурно општество, мораме сите заедно да живееме еден со друг, да се почитуваме во толеранција и хармонија. Различностите треба да бидат тие кои ќе не спојуваат и ќе не водат напред. Граѓаните од сите вери и заедници мора да продолжат заедно да ја градат иднината на Охрид и Република Македонија, зошто тоа е вистинскиот пат за сите нас. Овие празнични денови нека поминат во радосно и семејно опкружување, со добра мисла, мирољубивост и толеранција заднички да градиме општи добра, стои во честитката на градоначалникот Стојаноски. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива