percobozinoski

ВМРО-ДПМНЕ: Злоупотребите во здравството се секојдневна појава

Охрид, 29. август 2018 (ОХРИДПРЕС) – Државата и нејзините ресурси од Зоран Заев и СДСМ се третираат како да се нивна приватна сопственост. Се злоупотребува сѐ, во секој ресор за приватни потреби.

Злоупотребите во здравството се секојдневна појава, каде личните интереси се во прв план, но не и интересите на граѓаните, порача на днешната прес конференција Перчо Божиновски, портпарол на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ од Охрид.

– Заради катастрофалната неспособност при водењето на ресорот секојдневно се губат човечки животи, а социјалните мрежи се полни со фотографии за што се употребуваат возилата на итната медицинска помош. Видовме дек МВР-турс, службените џипови ги користи за превоз на функционерските ќерки по грчките плажи, а сега гледаме дека всушност само во паузи помеѓу селења, итната медицинска помош им служи на пациентите. Злоупотребата на службени возила од страна на раководните структури на СДСМ секојдневно продолжува. За Директорот на ЈЗУ „Општа болница“ кој за медицинска сестра наместо најдобриот кандидат го прима најслабиот, самоволието е повторно на дело пред јавноста. Со изместените критериуми санитетско возило на службата на Болницата превезува материјални добра, истакна Божиновски.

Тој запраша, дали размислуваат што ќе се случи доколку неколку пациентите во Охрид одеднаш се јават и побараат интервенција?

– Дали ќе им речат снајдете се додека не ја испорачаме наткасната или ќе ги сместат во ќош, веднаш до плакарот? Ова што се случува е срам за здравствениот систем и оставки мора да има. Грижата на СДСМ за здравството и инструментите наменети за спасување на живот е сведена на минимум. ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш прашува води ли некој грижа за состојбите во Болницата и дали Директорката знае што се прави со нивните возила низ градот? Болницата наместо да се грижи за граѓаните е претворена во институција за потсмев. Граѓаните плаќаат за луксузите што се прават со нивните пари. Ваквото однесување ги става во ризик животите на пациентите и граѓаните. Расипништвото и злоупотребата на државниот имот во приватни цели е заштитен знак за СДСМ. Тоа е недозволиво и за овој срамен чин мора да има одговорност, истакна Перчо Божиновски, портпарол на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес конференција. (Крај)

извор: ВМРО-ДПМНЕ фото: архива