Животот уште еднаш ја победи смртта – Христос Воскресе, за многу години Велигден
Охрид, 12. април 2015 (ОХРИДПРЕС) – Велигден за верниците е симбол за победа на животот над смртта. Ден кога на симболичен и традиционален начин луѓето го слават докажувањето на божествената моќ на Исус.
Христијански верници го слават најголемиот празник Велигден – Христовото воскресение, денот кога Христос ја докажал својата божествена моќ и воскреснал од мртвите. Одбележувањето на празникот на верата и на традицијата започна во четвртокот в зори, кога се вапцуваа првите црвени велигденски јајца, кои ја симболизираат Исусовата крв. Синоќа, насекаде во земјава, беа преполни православните и католички храмови.
Познавањето на верата е насушна потреба за човекот. Изучувајќи ги вистините на христијанската вера, ја отвораме вратата за влез во духовниот живот, којшто води кон стекнување на заедница со Бога и со сите луѓе, порача во својата порака поглаварот на МПЦ, господин господин Стефан.
– Нашата вера е вера во воскресението и нашата Црква е Црква на воскресението! Но не само поради тоа што свечено го прославува Велигден како празник, туку затоа што во неа пребива несоздадената светлина на Воскреснатиот Богочовек. Човештвото пред Христа живееше во неизвесност, бидејќи беше поробено од смртната темнина. Победата над смртта ја донесе воплотениот Син Божји, Кој ја умртви самата смрт на Крстот и преку Своето воскресение му подари бесмртен и блажен живот на целиот човечки род. Он не само што ја уништи смртта, туку ни го покажа и патот како да го здобиеме вистинскиот живот, стои во празничната порака.
Велигденските празници, како продолжен празничен викенд, ги прославија неколку илјади гости од земјата и странство во Охрид. Доминираа Грците, но имаше гости и од Албанија, Бугарија, Турција и Србија.
Сепак најбројни во Охрид се домашните гости, особено оние што овде имаат свои викенд станови и викендици. Тоа може да се забележи од пополнетите паркинзи, со возила од Скопје, Битола и други македонски градови. Кафулињата, напладне се преполни како во време на главната туристичка сезона.
Илјадници луѓе вчера присуствуваа на слегувањето на Благодатниот оган во храмот на Светиот гроб во Ерусалим. Светиот оган се појави во олтарот, „измолен“ од Ерусалимскиот патријарх Теофил III.
Чудото се случува секоја година пред најголемиот христијански празник Велигден. Илјадници верници од целиот свет се собрираат во црквата „Воскресение Христово“ во Ерусалим, за да бидат дел од церемонијата на палење на Благодатниот оган.
Црквата е изградена на местото каде што Исус бил распнат, погребан и воскреснал.
За време на церемонијата високи православни духовници влегуваат во малиот параклис, местото на Божји гроб од каде излегуваат со Благодатниот оган.
Патријархот и оваа година им го предаде огнот на верниците, кои запалија од него 33 свеќи – по една за секоја година на Христос. (Крај)
извор: Инпрес фото: архива
@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука |