Мини митинг во Струга: Ќе се обрати Стево Пендаровски, национален координатор за членство во НАТО

Струга, 31. август 2018 (ОХРИДПРЕС) – Вечерва, со почеток во 19:30 часот, во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга, на граѓаните на општината ќе им се обрати Стево Пендаровски, национален координатор за членство во НАТО.

– Целта на средбата е да се информираат граѓаните за придобивките од членството во НАТО и Европската Унија и официјално да се назначи почетокот на кампањата за референдумот. Македонија помина низ многу крстопати и во клучните моменти, секогаш избираше иднина. Денес сме горди на Илинден, на АСНОМ и на Референдумот од 1991 година, како најважни историски моменти од борбата за нашата независност и државност. Избравме самостојност, мир и стабилност. Сега треба да го направиме следниот чекор. Ова е историска можност и секој од нас треба да излезе и да донесе одлука. Иднината е сигурна, неизвесноста е минато. Ние избираме да одиме напред, кон подобра иднина, преку членство во НАТО и ЕУ. Не сакаме да останеме заглавени во неизвесност, ризик и изолација, порачуваат организаторите.

Додаваат дека членството во НАТО и ЕУ гарантира: повисоки приходи за граѓаните, поголеми инвестиции и нови работни места, поголем и стабилен пазар за домашните фирми, економски развој и подобар живот на сите наши граѓани и за сите наши деца, сигурност и безбедност на граѓаните и заштитата на државните граници, правна држава, добро управување и поголема граѓанска контрола врз власта и држава во која владеат редот, законот и европските правила.

– Развојот на Македонија можеме да го постигнеме само преку влегување во сојуз со големите светски сили, како рамноправна членка со право на глас, додаваат од ОО на СДСМ од Струга. (Крај)

извор: СДСМ фото: архива