konstantinkorner1

Георгиески: Сакам Охрид да биде жив 365 дена во годината, современ, урбан, чист и организиран град

Охрид, 31. август 2018 (ОХРИДПРЕС) – Доктор специјалист-интернист, бизнисмен, вљубеник во планините, спортист… Од неодамна и на една од најмоќните функции во градот.

Зад себе има 40 животни и уште малку па една година од новата локална власт во Охрид. Беше носител на советничката листа во Охрид и во моментов ја извршува и функцијата заменик градоначалник и координатор е на советничката група на СДСМ. Денес во „Радио Корнер“ на Супер радио разговаравме со советникот и заменик градоначалник Константин Георгиески.

Супер радио: Како Ви почнува еден обичен работен ден? Со кого го пиете првото утринско кафе?

Георгиески: Денот ми почнува рано, околу 06:30 часот, најчесто наутро џогирам или возам точак, потоа до околу 08:30 часот во кафетериите пијам кафе со другарите од детството. Потоа одам на моето работно место и почнувам со работа со пациентите.

Супер радио: Охрид е град кој е посебен на повеќе начини. Секогаш свој, прекрасен и неповторлив. Каков е Вашиот Охрид – „Охрид на Костантин“, како би му го опишале на некој кој никогаш не бил тука?

Георгиески: Еден е Охрид од реалноста, а друг е „Охрид на Константин“, кој што јас го имам како визија за градот. Сакам Охрид да биде жив 365 дена во годината, современ, урбан, чист, организиран град. Тоа ми беше и мотив да се вклучам и јас да придонесам градот да се движи во таа насока, да го изградиме Охрид како модерен европски град.

Супер радио: За нашите слушатели и читатели на OhridPress и Inpress, кажете ни нешто и за Вашиот професионален живот. По професија сте доктор, специјалист-интернист. Како се развиваше Вашата кариера?

Георгиески: Медицински факултет завршив во Скопје во 2003-та година, а во 2009-та година специјализирав и од тогаш работам како специјалист-интернист. Во меѓувреме, во неколку наврати бев во САД на тренинзи и доусовршувања од струката. Бев солиден ученик, немав проблем со природните науки, а обично за докторите важи тоа дека се насочени повеќе кон општествените науки. Ја сакам медицината, сакам да им помагам на луѓето, па иако имав афинитети и кон техничките науки, сепак медицината стана мој животен избор.

Супер радио: Охриѓани сигурно ќе ги интересира и тоа во каква насока ќе се развива градот, пред се` во поглед на покрупните капитални инвестиции? Имате ли поддршка за нив од централната власт и дали може да ни откриете нешто за тоа, што може да очекуваат граѓаните?

Георгиески: Факт е дека општина Охрид е една од најзадолжените општини во државава. Изминативе 10 месеци напорно работиме на намалување на долгот и сме на добар пат да го завршиме тој процес во овој мандат. Во овие 10 месеци долгот е намален за околу 80 милиони денари. Што се однесува до проектите, наше предизборно ветување пред граѓаните, но и пред меѓународната заедница и УНЕСКО, беше решавањето на колекторското прашање. Најверојатно на следната седница на Советот на дневен ред ќе биде ставен делбениот биланс на МЈП „Проаква“, постапка преку која колекторот со сите долгови ќе се одвои од ова јавно претпријатие и во иднина ќе биде под „капата“ на централната власт. Што се однесува до инфраструктурните проекти, наскоро треба да биде распишан тендерот за комплетна реконструкција на улицата „Абас Емин“, која во моментов е во многу лоша состојба. Одлуките за финансирање веќе поминаа во Советот на Општина Охрид. Исто така сме сконцентрирани и кон изготување на булеварско решение за улицата „Македонски просветители“, постапка која е веќе во тек. Во Советот веќе е изгласна и одлуката за финансирање на реконструкцијата на кејот, со поддршка на Светска Банка. Како вовед во овој проект започнавме уште во пролените месеци, кога ја асфалтиравме улицата „Кеј Македонија“.

Супер радио: Неофицијално, се најавуваат неколку поголеми проекти, средување на поголеми улици кои со години се оставени на забот на времето. Знаеме дека имаме проблеми со секој поголем дожд со одводот на водата, особено во стариот дел на градот. Можат ли охриѓани да очекуваат средување на овие горливи прашања во догледно време?

Георгиески: При поголеми и поинтензивни врнежи во стариот дел од градот имаме проблем со атмосферската канализација. Овој проблем е најекспониран, бидејќи со него се соочува стариот дел од градот, место каде има многу туристи. Инаку истиот проблем е присутен и во други делови од градот, на улицата „Железничка“, на „Бистрица“ итн. Ние константно работиме на решавање на овој проблем и се надевам дека ќе успееме да делуваме овој прблем трајно да го решиме. Во справувањето со овој проблем најтешко ќе биде во стариот дел од градот, додека за другите локации што константно се поплавуваат и има излевање на атмосферската канализација имаме повеќе опции за делување, како на пример проширување на речните корита, со одводни канали итн. Во стариот дел од градот ќе биде малку покомплицирано, со поинаков пристап, самиот проект и финансиски ќе биде поголем, но верувам дека ќе успееме и во тоа.

Супер радио: Каква соработка имате со градоначалникот проф. д-р Јован Стојаноски, но и останатиот тим. Како ги решавате проблемите, со кои секако се среќавате секојдневно?

Георгиески: Имаме добра комуникација и соработка градоначалникот и целиот тим. Се разбира дека понекогаш имаме и различни мислења, што е нормално. Проблемите доаѓаат, но се решаваат тековно. Во постојана комуникација сме, се состануваме, разгледуваме прашања и опции за делување преку кои работиме на унапредување на состојбите во нашиот град.

konstantinkorner2Супер радио: Од она што се знае за Вас е дека височините Ве прават многу среќен. Планинските врвови, чистиот воздух, осаменоста таму некаде горе, далеку од секојдневните проблеми или едноставно адреналинот. Што Ве привлекува најмногу во освојувањето на врвовите, на кои се` веќе сте се искачиле и секако кои се плановите на ова поле?

Георгиески: Јас сум пасиониран планинар, вљубеник во планините. Таа љубов веројатно ми се „всади“ преку скијањето, бидејќи од многу мал скијам. Често одам на планина, а највисоките врвови во Република Македонија, како Пелистер, Титов врв, Солунска глава и другите сум ги искачил по десетици пати. На 24-ти јули 2016-та година, заедно со мојот пријател Мишко Танески го освоивме Мон Блан, највисокиот врв на Алпите, висок 4.800 метри. Во февруари 2017-та година со Мишко бевме во Аргентина во обид за искачување на Аконкагва, највисокиот врв во Јужна Америка од 7.000 метри, но после двонеделен престој и „борба“ со планината, кога се искачивме до 5.600 метри височина, фати силно невреме и за жал не успеавме да го освоиме тој врв.

Image result for константин георгиевски

Супер радио: Како си го поминавте летово? Имавте ли време за големиот број на настани кои се случија во Охрид? Посетувавте ли концерти?

Георгиески: Ова лето Охрид навистина имаше богата и разновидна  програма. Работните и другите обврски кои ги имам го ограничуваат слободното време, но сепак бев на неколку концерти од Ohrid Calling и на неколку настани на Античкиот театар.

bistrocorner1

Емисијата „Радио Корнер“ се емитува секој работен ден од 12:00 до 14:00 во живо од Бистро „Корнер“. Водител е Александра Алексијевска. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес