Јовановски: Средношколци, системот ќе падне пред вие да полагате матура

Охрид, 14. април 2015 (ОХРИДПРЕС) – Текстов сакав да го напишам уште откако заврши Средношколскиот марш во Охрид, но поради големиот христијански празник, го оставив за денеска.

Во четвртокот, движејќи се со колоната средношколци и фотографирајќи го нивниот марш, единствено што жалев во моментот беше тоа што не сум средношколец.

Кога ја гледав нивната бунтовност, нивната одлучност да успеат да ги добијат своите барања, не се ни посомневав дека на крај и тие ќе победат. Се присетив на мојот немирен дух од средношколските и студентските денови, кој поради пасивноста на мојата генерација, општеството честопати ми го скротувал. Се сеќавам кога бев ученик во охридската гимназија на еден протест во кој учествував спротивставувајќи се на промената на име на училиште во Шемшево ама сум разочаран од тогашните организатори, кои денеска во градот играат во филмот „бирократчиња и политиканти“, мудро молчеа за ист таков случај во Чаир.

Средношколците не смеат да дозволат да бидат вовлечени во игрите на било која политичка партија. Исто како студентите што успеаја да се додржат настрана од партиските калкулации, така и тие мора да бидат настрана иако ќе има обиди и провокации за такво нешто. Учениците во средните училишта не треба да имаат страв ниту од моите колеги кои сметаат дека ги бранат интересите и политичките поени на локалните моќници со спинови. Тие само си го оцрнуваат сопствениот образ. Ништо повеќе.

srednoskolciprotestiОна што остави посебен впечаток на Средношколскиот марш во четвртокот во Охрид, беше една парола која ја носеа двајца ученици. На неа пишуваше: „Ќе падниме матура заедно со системот“. Средношколци, само напред. Системот ќе падне уште пред вие да полагате матура. Вие покажавте дека Охрид не е мртов и дека вие, како и студентите, сте иднината на Република Македонија.

На следниот марш слободно побарајте Охрид да биде главен град на Република Македонија. Власта ќе попушти и се си мислам дека и тоа ќе го дозволи. Во тесно е. Најверојатно од страв од преголемата бучава на детонациите кои јавноста ги слуша во последно време.

Филип Јовановски

0465zaednicka** „046 – За Охрид се зборува“ е проект на Супер радио и OhridPress и истиот има за цел да се сврти вниманието на охридската јавност кон одредени теми. Објавувањето колумни и мислења од надворешни автори е одраз на намерата – Супер радио и OhridPress да бидат вистински глас на заедницата и да објават различни мислења, но и начини за подобрување на одредени состојби. Напоменуваме дека не се согласуваме секогаш со ставовите што ги изнесуваат колумнистите. Супер радио и OhridPress се оградуваат од евентуален навредлив речник и конотации, и ги сметаат за непримерни во јавната комуникација.

Во петтиот дел од „046 – За Охрид се зборува“, кој ќе трае од почетокот на април до крајот на мај 2015 година, ќе пишуваат и дебатираат новинарот Филип Јовановски, вљубеникот во природата Петар Бафчанџиев и Радован Димитриевски од ЗРРСК „Св. Апостол Петар“.