Започна новата учебна за 22 првачиња во општина Дебрца

Охрид, 3. септември 2018 (ОХРИДПРЕС) – Започна новата учебна 2018/2019 година за 22 првачиња кои оваа година ќе седнат во школските клупи во општина Дебрца.

Пред официјалниот почеток на основното образование, тие беа на свечен прием кај првиот човек на Дебрца, градоначалникот Зоран Ногачески.

– Посакувајќи им топло добредојде во светот на знаењата изразив надеж дека и од ОУ „Дебрца“ ќе произлезе некој архитект, успешен спортист, доктор, универзитетски професор, градоначалник, а зошто не и Нобеловец. Ние како локална самоуправа, постојано ќе вложуваме во училишната инфраструктура, во наставниот кадар и мотивирани ученици, се со цел учениците во Општина Дебрца да бидат меѓу најдобрите. Од родителите побарав своите деца да ги даруваат со голема и неизмерна љубов, бидејќи на тој начин, тие ќе можат поуспешно да се справуваат со нивните нови училишни обврски и да се изградат во етички силни и здрави морални личности. Во оваа пригода на првачињата им беше доделен училишен прибор, кој традиционално за првачињата од Дебрца го донира фондацијата „Капинков“, сопственост на Драган Капинков,  бизнисмен од Перт, Западна Австралија, кој по потекло е од битолското село Цапари. Во името на првачињата и на граѓаните на Дебрца, на Капинков му изразувам голема благодарност. Благодарност и до Зоран Ќосески, почесен конзул на Република Македонија, во Перт, Австралија, по чија иницијатива фондацијата „Капинков“ од 2013 година донира училишен прибор за нашите првачиња, порача Ногачески. (Крај)

извор: Општина Дебрца фото: Општина Дебрца