ohrid_fest_2018_640x360

Започнува јубилејното 25-то издание на „Охрид фест – Охридски трубадури“

Охрид, 6. септември 2018 (ОХРИДПРЕС) – Со настапи на македонски и балкански фолк изведувачи, вечерва започнува јубилејното, 25-то издание на интернационалниот музички фестивал „Охрид фест – Охридски трубадури“.

Фестивалот имаше свои светли и не така светли денови, но сепак опстоивме и со право можам да кажам дека е најафирмативната манифестација за Македонија, бидејќи фестивалот ги собира најквалитетните пејачи од балканските простори. Оваа година имаме над 80 изведувачи, рече во емисијата Радио Корнер на Супер радио основачот и директор на фесетивалот, реномираниот композитор Григор Копров.

grigorkoprov

Во официјалната програма на фолк вечерта се наоѓаат 20 песни кои ќе ги исполнат познатите македонски интерпретатори – Петар Нечоски , Благица Павловска , Кате и „Нели ти реков’’,„Скопски Боеми“, Милован Секулоски , Зоран Марковски и Мерима Његомир, а своја шоу програма, додека трае гласањето, ќе има Нада Обриќ. Посебна атракција ќе биде 90-годишната Добрила Чабриќ, победничката на регионалното шоу „Никогаш не е доцна“.

Утре сцената ќе биде отстапена на поп изведувачите, ќе чуеме 18 нови песни, а поголем простор за афирмација и е дадена на новата, млада и надежна генерација пејачи.

Во сабота е секогаш атрактивната интернационална вечер на која покрај наградените песни од поп вечерта во борбата за награди  ќе  учествуваат и познати балкански пејачи:Пантелис Кастанидис и Елизабет Христоу од Грција,групите „Балканика“ од Србија и „Колонија“ од Хрватска, Ален Исламмовиќ од БиХ), Дарија Швајгер од Словенија и многу други.

Водители на поп и интернационалната вечер  ќе бидат  Марјана  Станојковска и Васил Зафирчев.

Јубиленото издание на „Охрид фест – Охридски трубадури“ се одржува на Кеј „Македонија“ пред хотелот „Нова Ривиера“, со почеток во 20:30 часот. Ќе се пренесува во живо на националната МТВ, а пренос ќе вршат и петнаесеттина телевизии од целиот Балкан. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива