kulibliznacki

Седумнаесет години од терористичкиот напад врз САД

Њујорк, 11. септември 2018 (ОХРИДПРЕС) – Денеска се одбележува 17-годишнината од терористичкиот напад врз САД, што се случи на 11 септември во 2001-та година. Жртвите на нападот настрадаа кога два киднапирани авиони удрија во кулите „близначки“ на Светскиот трговски центар во Њујорк, кои потоа се срушија, како и за време на удар на трет авион на коплексот Пентагон во Вашингтон.

Во нападите загинаа вкупно 2.998 луѓе, од кои 2.603 во Светскиот трговски центар, 246 патници во киднапираните авиони, 125 во Пентагон и уште 24 лица исчезнаа.

Од кулите во Њујорк околу 20 лица успеаа да ја напуштат зградата пред да се сруши, а меѓу жртвите имаше и 372 странци. За време на падот на кулите загинаа и 343 пожарникари кои за тоа време беа на должност. Официјалниот извештај покажува дека деветнаесет припадници на Ал Каеда ги започнале нападите киднапирајќи патнички авиони кои полетале на аеродромите во Бостон, Њујорк и Вашингтон. Киднаперите упаднале во авионските кабини и ја презеле контролата над леталата.

Подоцна службите во САД оценија дека мозокот на надот бил Калид Шеик Мухамед. На местото на кое се наоѓаа кулите близначки во Њујорк, подигнато е спомен обележје за жртвите, а соѕидан е и нов Светски трговски центар.

Секоја година, на 11 септември САД се потсетува на жртвите на нападот. (Крај)

извор: Макфакс фото: архива