EHF Metalurg

Започнува новата сезона во ракометната Лига на шампиони

Букурешт, 12. септември 2018 (ОХРИДПРЕС) – Со натпреварот меѓу финскиот шампион Кокс и шпанскиот тим Адемар Леон, денес ќе стартува новата сезона во Лигата на шампионите на ЕХФ. Покрај овој дуел, попладнево се играат уште три средби, додека преостанатите се за време на викендот.

На терен ќе ги видите македонските репрезентативци Жарко Пешевски и Филип Талески, кои со нивните Мотор Запорожје и Рајн Некар Левен ќе се соочат со силните ПСЖ и Барселона. Романскиот шампион Динамо Букурешт ќе го пречека норвешкиот Елверум.

Според првичните прогнози најголеми фаворити за пласман на десеттото издание на завршниот турнир во Келн ќе бидат „дрим-тимот“ на Раул Гонзалез, потоа унгарскиот Веспрем засилен со Арпад Штербик, шпанскиот гигант Барселона, а сигурно нема да биде изненадување ако таму се најде и Рајн Некар Левен.

Тука се уште европскиот шампион Монпелје, кој ќе мора да се обиде да го скрши проклетството дека ниеден тим не ја одбранил титулата досега, потоа Нант на Кире Лазаров, незгодниот ПИК Сегед, осакатениот од повреди Киелце, „данскиот“ тим од Германија – Флензбург.

Европскиот шампион од пред две сезони Вардар својата шанса сега ќе ја чека од позадина. Без трите важни алки од минатите сезони – Штербик и Циндриќ на теренот и Раул на клупата, со повеќе нови играчи, тешко е да се прогнозира однапред до каде може „новиот Вардар“. Не е исклучено дека и годинава ќе видиме некое изненадување, минатата сезона тоа беше дански Скјерн, сезонава би можел да биде засилениот и добро екипиран Мешков Брест.

Нè очекува уште една долга сезона, исполнета со многу ракометни возбудувања, кои Вардар и Металург со години наназад ни ги носат и во Македонија. (Крај)

извор: Гол.мк фото: архива