Александар од Требеништа меѓу петте најдобри на меѓународниот натпревар во склопување на Рубикова коцка во Софија

Охрид/Софија, 12. септември 2018 (ОХРИДПРЕС) – 12-годишниот Александар Дуклески, ученик во VIII одделение во ОУ „Дебрца“ во селото Требеништа успеа да влезе меѓу петте најдобри на меѓународниот натпревар во склопување на познатата Рубикова коцка „Autumn 2018“, кој се одржа во Софија, Бугарија.

– Младиот Александар успеа од вкупно 80 учесници да влезе помеѓу петте најдобри во севкупен пласман. На натпреварот учествуваа 6 Македонци и беа подобрени вкупно 13 македонски рекорди, од кои 8 ги освои Александар, информираат од ОУ „Дебрца“.

Image may contain: 12 people, people smiling

Инаку, младиот генијалец Александар, претходно учествуваше на интернационалниот натпревар „Albanian open 2018“ кој се одржа во Harry Fultz Institute во Тирана, Албанија. Таму тој собори 6 национални рекорди во склопување на Рубикови коцки во категориите: 3-3 (коцката ја склопи за време од 14,06 секунди), 4-4 (1 минута и 17 секунди) и 5-5 (2 минути и 30 секунди).

За неговата вештина и талент, веќе е запозната и пошироката јавност, а заслужено признание доби и од градоначалникот на Дебрца Зоран Ногачески, кој го прими младиот талент во неговиот кабинет.

Image may contain: 2 people, people smiling

Рубиковата коцка се смета за најпродавана играчка на светот. Иако идејата е родена порано, првите примероци во продажба се пуштени пред околу 40 години во Будимпешта. Најпопуларната коцка на светот во основната верзија се состои од девет мали еднобојни коцки на секоја страна, а вкупно ги има 54.

Кога боите на тродимензионалната коцка ќе се измешаат, пред вас се наоѓа тешка задача. Според некои пресметки Рубиковата коцка има 43,252,003,274,489,856,000 различни комбинации. (Крај)

извор: ОУ „Дебрца“ фото: ОУ „Дебрца“