Goran Gerasimovski

Герасимовски: Интелектуалната сопственост е клучен елемент за успешно функционирање на европскиот пазар

Охрид, 13. септември 2018 (ОХРИДПРЕС) – Нашата легислатива за индустриската сопственост е усогласена со европските закони и директивите на ЕУ. Евентуалната промена на уставното име нема да доведе до промени кај ознаките на потекло.

За ова меѓу другото стана збор на семинарот што со охридско-струшките стопанственици го одржа Државниот завод за индустриска сопственост, во рамки на одбележувањето на јубилејот, 25 години од своето постоење.

Иновативноста и кретивноста имаат позитивно влијание во секојдневниот живот. За жал кај македонските компании употребата на интелектуалната сопственост во целина е ограничена, потенцира заменик директорот на Државниот завод за индустриска сопственост, Горан Герасимовски.

– Интелектуална сопственост е клучен елемент за успешно функционирање на европскиот пазар, а од друга страна фалсификатот е форма на уништување на интелектуалната сопственост, затоа заштитата има голема улога. Иако ограничена, креирањето и управувањето со интелектуална сопственост има клучно значење за одржување на растот конкурентност и проширување на пазарот на македонските компании, подвлече Герасимовски.

intelektualna sopstvenost 2Основната смисла на заштитата на индустриската сопственост е поттикнувањето на техничко-технолошкиот дух и воопшто на стопанскиот развој, но и уредување на конкурентните односи меѓу правните субјекти втемелени на општестено-моралните и развојно прифатливи критериуми, рече градоначалникот на Охрид, проф д-р Јован Стојаноски.

– Ако имаме добри стимулации и добри врски меѓу стопанствениците во општините тогаш ќе имаме поголем број вработувања, подобар живот за граѓаните. Сме имале, имаме и ќе имаме врвни креативци и иноватори. Наши сограѓани добивале високи домашни и странски признаија. Ширум светот има млади охриѓани кои иновирале нано очила за хируршки зафати, работат во најпознатите генетски или комуникациски лаборатории или се професори на престижни универзитети, потенцира Стојаноски.

Според досегашните податоци, заклучно со 2015 година во Охрид се регистрирани 298 заштитени марки, додека пак во струшкиот регион бројката е 57, рече Симчо Симјаноски, раководител на секторот за трговски марки, индустриски дизајн и ознаки на потекло.

– Досега на ниво на Македонија имаме заштитено 42 ознаки на потекло со тоа што 5 од нив се заштитени меѓународно, а тоа се македонскиот ајвар, охридскиот бисер, Бовин вино, Дисан вино и кочански ориз, истакна Симјаноски.

Simco SimjanoskiАктуелните случувања ги загрижија стопанствениците, кои мислат како ќе се одрази евентуалната промена на уставното име на земјата на нивните заштитени трговски марки и производи.

Според Михајло Филев, кој е четврта генерација производител на охридски бисер вели дека нивниот бренд преживеал многу општествени, политички и воени неприлики и промени. Ние имаме три различни сертификати од три различни општествени системи, вели Филев.

mihajlo filev– Ако би се случила промена на државното име, ќе има реперкусии на сите оние институционални називи кои веќе ги имаме заштитено. Еве охридскиот бисер е заштитен во три фази прво географски назив, со одредница, бренд, имаме право на овластен корисник и кој да го користи како назив и секако меѓународна заштитна употреба со Лисабонската декларација. Ако сме приморани да го направиме, тоа ќе мора институциите да кажат во која насока ќе одиме, потенцира Филев.

Раководителот на секторот за трговски марки Симјаноски пак рече дека промени во ознаките на потекло нема да има.

– Мислам дека нема да дојде до никаква промена на ознаките на потекло. Ова е право кое е востановено и не може да се промени. Интерес за ова досега не е пројавен од страна на производителите, но ние сме отворени за информации, рече Симјаноски.

Инаку, Државниот завод, во рамките на одбележувањето на годишнината од основањето, на плоштадите во Охрид и Струга има поставено штандови, на кои граѓаните денес и утре ќе можат да се запознаат со постапките за заштита на индустриската сопственост. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес