Акцијашите од „Брег на младоста“ во Штип на местото каде се градеше патот Штип-Плачковица

Штип/Охрид, 15. септември 2018 (ОХРИДПРЕС) – Секогаш активните акцијаши од охридското здружение „Брег на младоста“, во Штип се собраа на истото место на кое акцијашите пред 40 години го изградија патот Штип-Плачковица.

– Екипата на „Брег на младоста“ броеше 25 души. За Штип заминавме со минибус, кој ни кој го обезбеди општина Дебрца, а имавме поддршка, како и секогаш и од охридската локална самоуправа. Поминавме одлично и се враќаме со силни впечатоци, пред се` од дружењето. Ја посетивме и спомен куќата на Киро Глигоров, која е отворена пред околу два месеци, информира Ацо Атанасов од „Брег на младоста“.

На акцијата се собраа акцијаши од градот домаќин Штип, Охрид, Скопје, Куманово, Велес, Крива Паланка, како и две бригади од Битола.

– Меѓу нив беше и еден бригадир од БиХ, Версија Џоџиќ, кој две години помина на СМРА „Плачковица“ како трасер. Токму тој предизвика големи емоции кај присутните, затоа што, токму него, многу бригадири го запознале и се виделе со него и на други работни акции. Имаше и солзи радосници, а на одбележувањето на 40-годишнината на СМРА „Плачковица“ се сретнавме и со многу бригадири кои и по 30 пати биле на акциите ширум Република Макединија и други држави, како Кире Марков од Битола. Меѓу највозрасните акцијаши беше и д-р Миодраг Миленковиќ од Штип, кој имаше чест да ги поздрави бригадирите. На одбележувањето на 40-годишнината од завршувањето на СМРА „Плачковица“, кое се одржа во објектот на УГД, во близина на Туртел, беше предложено во иднина да се организираат акции со нови, содржини, пред се еколошки, во траење од 7-10 дена, а најдобрите бригади кои ќе постигнат врвни резултати да го добијат признанието „Киро Глигоров“, информираат организаторите.

За таа цел, ќе биде формирано и Координативно тело, кое ќе ги доделува овие признанија. Едногласна беше заложбата во акциите да се вклучуваат млади луѓе, кои би ги замениле ветераните акцијаши. Инаку, по пристигнувањето во Штип, над 100 бригадири, го посетија Мултимедијалниот центар „Киро Глигоров“, ја разгледаа изложбата, но и филмот посветен на великанот. Ги поздрави градоначалникот на Штип Благоја Бочварски, по што на Плачковица беше организирана бригадирска забава, со познатите бригадирски песни.

– Се одржа постројување на бригадите и предавање рапорти од командантите на бригадите на командантите на акцијата Плачковица, Никола Кангалов и Никола Зенделов. Тука беше и уште еден командант на СМРА „Плачковица“, Кирил Цацков, како и тогашниот претседател на младинската организација во Штип, Панче Папаров. Од оправдани причини не допатува првиот командант на СМРА „Плачковица“, Тодор Кралев, но тој доби громогласен аплауз од сите бригадири за придонесот што го даде во изградбата на патот до Плачковица. Бригадирите весели и задоволни ја напуштија Плачковица и ја повторија нивната желба – во иднина младите успешно да ги заменат повозрасните и да организираат мини работни акции, кои пред се` ќе бидат од еколошки карактер и уредувањето на локалната средина, додаваат организаторите.

Акцијашите од охридското здружение „Брег на младоста“ се исклучително активни во Охрид, но и на територијата на целата држава. Од 22-ри до 29-ти јули беа дел од големата акција за чистење „Скопје на дланка“, по повод 55 години од катастрофалниот земјотрес во Скопје. Охриѓани, кои со поддршка на охридската локална самоуправа се вклучија во акцијата беа прогласени за најдобри акцијаши меѓу 200 учесници од поранешна Југославија. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива