vmroohridlogo

ВМРО-ДПМНЕ: Кампањата „За европска Македонија“ е срамна и лажна исто колку таа „За живот“

Охрид, 17. септември 2018 (ОХРИДПРЕС) – Дрско и безобразно е да речеш дека вистинскиот патриот ќе гласа за Европска Македонија на пресудниот ден за распарчување на Македонија. Не е храброст да го промениш името, идентитетот, Уставот и јазикот на Македонија, туку кукавичлук, стои во реакцијата на ОК на ВМРО-ДПМНЕ од Охрид на изнесеното во вчерашниот говор на премиерот на Република Македонија Зоран Заев во Охрид.

– Зоран Заев и СДСМ пред охриѓани ветуваа живот, а сега ветуваат иднина. Ниту охриѓани добија живот, ниту ќе дојде иднината. Кампањата „За европска Македонија“ е срамна и лажна исто колку таа „За живот“. Зоран Заев и Томислав Тунтев под превезот на референдумот ги искажаа лажните заложби за европски вредности преку празни фрази за промена на името. Зоран Заев ги повторува истите лаги секаде, а нема аргументи за губењето на институционалниот идентитет, македонската култура, историја и традиција. Зоран Заев во недостиг на аргументи за договорот со Грција бега од дебата за истиот, знаејќи дека нема како да ги одбрани продавањето на државните и националните интереси. Зборуваат за ЕУ и НАТО за да го скријат Договорот со кој Грција вечно ќе го блокира членството на Македонија во ЕУ. Лицемерно е 2 август 1944 и 8 септември 1991, но и дрско да се изедначуваат со 30 септември. Тие победоносни датуми сакат да ги поништат со Договорот. Договорот е капитулантски, со него се откажуваме со сите Македонци и од се’ што е македонско и затоа за ВМРО-ДПМНЕ овој договор ниту е, ниту ќе биде прифатлив. Со кое лице ги повикувате охриѓани спомeнувајќи ги Григор Прличев, Цане Андреевски, Анте Поповски, Светиклиментовиот универзитет? Платното на Билјана е обелено, ама Вие и платното и образот на Македонија ги оцрневте. Заев каде и да стигне лажно ги поистоветува македонските евроинтеграции со прифаќање на капитулантскиот договор и промена на името на државата, а воедно и го погани името на Европската Унија изедначувајќи го со неговиот криминоген начин на работење. Заев и неговиот картел немаат ниту е од европски вредности, а референдумот за промена на името на државата го користат за да го затскријат милионскиот грабеж кој моментално и го приредуваат на Република Македонија. Европа и Светот нема да ни донесат квалитетно образование, тоа треба да го сработи Владата на СДСМ. Европско образование не е учениците да немаат бесплатен превоз и да бидат без учебници на почетокот од учебната година. Европа не треба да овозможи Охрид да стане регионален центар тоа треба да го прави Владата на Заев заедно со градоначалникот Стојаноски, стои во реакцијата.

Во истата се додава дека во ЕУ не се оди со наместени тендери кои ги добиваат новоотворени фирми специјално за да го добијат тендерот.

– Во ЕУ не се оди ни со наместени грантови од Фондот за иновации кои ги добиваат партиски активисти и роднини на функционери од Владата на СДСМ. Во ЕУ не се оди со закани и уцени врз вработените во државните институции со заплашување дека се прислушкувани и следени. Во ЕУ се оди со работа и со принципи коишто Зоран Заев и неговата Влада не ги поседуваат. Премиере Заев, која е нашата држава, нашата земја, нашата независна земја? Заев се плаши од споменување на Македонци во Република Македонија. Македонија ќе ја преброди бурата што се вика Зоран Заев. Охрид и Македонија секогш победувале ќе победат и сега, стои во реакцијата на ОК на ВМРО-ДПМНЕ од Охрид. (Крај)

извор: ВМРО-ДПМНЕ фото: архива