Irma Gocova Corner

Гогова: Креативноста пулсира во мене во најразлични форми

Охрид, 18. септември 2018 (ОХРИДПРЕС) – Во рамките на емисијата „Радио Корнер“ на Супер радио денес беше промовирана темата „Clara“, деби сингл на охридското дуо Moon Above, зад кое стојат Ирма и Марио Гогови.

– Мојот брат Марио ги напиша музиката и текстот, а песната ја снимивме во студиото на Димче Китрозоски, кој многу ни помогна околу аранжманот.  До финалната верзија претходеа многу варијанти, пробувавме нешто да додадеме, нешто да одземеме, но на крај сме презадоволни од она што го добивме како финален продукт, вели Ирма Гогова, која беше денешен гостин во „Радио Корнер“.

Супер радио: Дуото Moon Above постои од неодамна, а „Clara“ е првиот авторски сингл кој веќе е достапен на Youtube, но и на дигиталните платформи за продажба, како iTunes, Amazon, Spotify итн. Како настана и кој авторски стои зад песната?

Гогова: Иако и јас со свои сугестии учестував во нејзиното создавање, сепак брат ми Марио скоро комплетно авторски стои зад песната. Негово дело се и музиката и текстот, а  аранжманот го работевме со охридскиот продуцент Димче Китрозоски. Би споменала дека текстот е напишан поодамна, кога Марио беше средношколец, а со неа победи на конкурсот од Гимназијата за најдобра авторска песна.

Супер радио: Во кое студио ја снимивте песната и кој стои зад визуелизациите од видео спотот?

Гогова: Песната ја снимивме во студиото на Димче Китрозоски, кој многу ни помогна околу аранжманот. До финалната верзија претходеа многу варијанти, пробувавме нешто да додадеме, нешто да одземеме, но на крај задоволна сум од она што го добивме како финален продукт. Не сакавме некој класичен спот и супер испадна соработката со исклучително талентираниот Александар Илиевски, кој ги направи визуелизациите за спотот.

Irma Gocova CornerСупер радио: Многу е важен првиот впечаток или деби синглот преку кој музичката сцена ги запознава новите бендови. Наместо за заразен хитовски рефрен, Moon Above  одлучи тоа да биде нешто посмирено, порелаксирачки?

Гогова: Уште пред да ја објавиме „Clara“, ја имавме свирено пред нашите блиски, кои ни даваа многу позитивни критики, па затоа со Марио одлучивме така и да не запознае македонската јавност. Марио има многу идеи кои чекаат на релаизација, па верувам во иднина од Moon Above ќе слушнете и нешто похитовско.

Супер радио: Марио веќе студира на Музичката академија, Ирма годинава беше матурант, а за своја наобразба ја избра Ликовната Академија. Што беше клучно во изборот?

Гогова: Креативноста е состојка која е дел од многу уметности и покрај тоа што таа во мене пулсира музички, таа пулсира и во други форми. Отсекогаш имав афинитети и околу ликовната уметност, па кога требаше да  донесеам одлука што да студирам, јас сепак се одлучив за Ликовната академија. Оваа година сум бруцош, учењето ќе го ставам во прв план, а свирките со бендот во втор план.

Супер радио: Музичарите се свесни дека она што музички го конзумираат, многу често жанровски го инкорпорираат во своите дела. Што сака Ирма музички да конзумира?

Гогова: Генерално кажано, сакам да слушам се`, освен турбофолк. Не сакам жанровски да се определувам и многу често слушам бендови кои не се толку познати, а се квалитетни. Ајде, ако мора да издвојам, би рекла дека едно врeме омилен ми беше бендот Artistic Monkeys.

Супер радио: Задоволство е да се слушаат кавер песните кои ги правите со Марио. Подготвувате нов кавер или втора песна?

Гогова: Веќе имаме снимено нова кавер песна и планираме да ја објавиме во многу скоро време. А во однос на авторската музика веќе имаме наколку песни и размислуваме која од нив ќе следи после дебитанската „Clara“.

Супер радио: Оние кои те познаваат знаат дека во тебе, покрај музичка, се крие и спортска душа. Ирма знае да го земе велосипедот и да сврти едно кругче околу Охридското Езеро.

Гогова: Спортот ми пружа релаксација, своевидно бегство од секојдневието. Негативно наталожената енергија преку возењето велосипед ја конвертирам во позитивна и креативна енергија, така да спортот, особено велосипедизмот е многу важен дел од мојот живот. Давам поддршка и на спортските настани во градов, како на пример на „Охрид трчат“ каде две години по ред бев дел од тим билдинг тимот на Здружението „Живот со предизвици“ кој трчаше со порака за подигнување на јавната свест за проблемите и потребите на лицата со ретки болести.

Супер радио: Откако го реализиравте деби синглот, какви се идните планови на дуото Moon Above?

Гогова: Како што кажав имаме уште неколку скоро готови песни и ќе одлучиме која од нив ќе ја промовираме после „Clara“. Планот ни е и да имаме свирки во живо. Сите во моментов сме стационирани во Скопје и од таму ќе продолжиме да музицираме и авторска и кавер музика.

bistrocorner1

Емисијата „Радио Корнер“ се емитува секој работен ден од 12:00 до 14:00 во живо од Bistro Corner. Водител е Александра Алексијевска.

(Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес