panterbruce

Супер радио и Охрид десет години без Dj Panter и Dj Bruce

Охрид, 24. септември 2018 (ОХРИДПРЕС) – Денес се навршуваат полни 10 години од смртта на Влатко Пантовски – Dj Panter и Наумче Аврамоски – Dj Bruce.

Нивните семејства, пријателите, познаниците и охридската медиумска заедница не дозволија годиниве наназад да избледи споменот на своите пријатели, сограѓани и колеги. Времето не може да ја избрише нивната насмевка и секогаш подадена рака за сите на кои им е потребна. Оние кои имаа можност да ги познаваат и да работат со нив, добро знаат какви луѓе загубивме во само еден кобен момент.

Како и секоја година, Супер радио, матичната куќа на двајцата трагично загинати Dj-и, денес ќе ја прилагоди програмата во нивна чест.

– Денес преку целиот ден ќе ги слушаме песните кои беа „нивни“, песните кои им беа омилени и песните со кои тие носеа насмевка на многу лица. Со нивната музика се радувавме, плачевме, се каравме и смирувавме, секогаш заедно, секогаш како едно. Наша привилегија беше што имавме за колеги такви луѓе, а тие имаа среќа да бидат најактивни во времето кога музиката навистина нешто значеше, работеа во градот кој е музика само по себе, велат од Супер радио.

Dj Panter и Dj Bruce трагично ги загубија животите во трагичната сообраќајна несреќа што се случи на 24-ти септември 2008 година, околу 21:00 часот во близина на планинскиот превој „Буково“. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива