haniballecter

Кога #ЗА и #БОЈКОТИРАМ ќе стивнат!

За Охридцките работи
Бр. сл. 025/09/2018
Охрид, 28. септември 2018 година

Денес драги мои антички северњаци да ми се опуштите малку. Убав ден, сонце, убаво езеро…

Денес ќе ми бидете ускратени за брилијантните думи на „експертите“, за спотовите на сите платформи, за посетите и аудио/видео пораките на битните, полубитните и едикојси, кои имаат нешто важно да ви кажат за вашата иднина. Македонскиве „експерти“ ми се сите како заразени од она што јас го викам „Синдром Нострадамус“. Тој пустинскиот пишувал што пишувал, ама тоа го правел во стихови и во малку завиена форма од страв да не го обвинат дека се занимава со некои темни сили. Затоа, неговиве предвидувања секогаш како од после да се остваруваат. Ќе се случи нешто и после го отвараш китапот Нострадамусов и бараш нешто слично на настанот, и потоа коментарот е секако:

– Ете, гледаш, човеков уште тогаш знаел што ќе биде…

Абе се` погоди, за кулите близначки, за крај на светот во 2000, за Путин, Обама, Трамп, абе се`.

Така ми се и овие стручњациве наши. Ќе се деси нешто и после сите се најпаметни, сите се` знаат. Се изнаслушавме глупости периодов наназад, ама никој не ги отвора главните прашања и не ги кажува соодветните одговори на нив. Ќе го решат и тој ребус, ама од после, нормално со „Синдром Нострадамус“.

– Ама за ова не ни кажавте.
– Како не, ене го, го има во Член 3, Член 7, Член 15, само вие лошо сте го толкувале. Иначе се` си стои таму.

Одма да се разбереме.

– Дали треба да се вратат Груевски и неговите најблиски другарчиња?

НЕ, во ниту една варијанта, со ниту еден нивни клон и НИКОГАШ! (со напомена дека идеална половина од неговите „најблиски другарчиња“ сега се пак во Влада, ама тие не краделе порано, тие биле албански Робин Худови, земале од државата за да им даваат на сиромашните).

– Дали треба ВМРО-ДПМНЕ да остане на политичката сцена?

Апсолутно, но со нова и свежа крв, изнедрена од самата партија. Модерни, високо образовани луѓе, најадени, напиени, прошетани, со јасна мисла и стратегија. Барем една силна партија од калибар на ВМРО-ДПМНЕ – демохристијанска и патриотска и` е потребна на секоја држава.

– Дали треба да одиме во ЕУ?

ДА, најбрзо што може и без никакви подпрашања!

– Дали треба да одиме во НАТО?

Па, и не сум нешто воодушевен, ама ајде да разговараме, да ги видиме реално опциите, па ако имаме реален ќар од тоа, ок, нема проблем!

Вака бе другарчиња, измешано се` во едно испаѓа како она – Дали сакате да имате секс, со прифаќање на опцијата после и да не сте многу невини или трудни?

Периодов наназад ми ја окупираа секоја можна платформа која ја користам. Телевизија гледам, ама селективно. Едноставно немам сила во себе да ги гледам старите слуги во нови дресови, како хорски кокодакаат и се натпреваруваат во фалбите на новиот Алфа мажјак на македонското буниште. А, и сите ние како публика, многу бре брате брзо им простивме за се` што уништија годиниве наназад.

Го гледам поглавицава на најголемото племе од „другиве“ на една телевизија деновиве, си цепа со превод и на прашањето дали има План Б – мртов ладен и` кажа на благо-шокираната водителка дека „нема шанси, нема План Б, ова да ми ти било проект, во кој биле вклучени многу големи играчи и тој морало да помине“.

Тонч!

Гледајќи што се случува периодов наназад, се` појасно е дека во Република Македонија „План Б“ има само наспроти Дом на АРМ („План Б“ е кафе бар во Охрид, за овие надвор од охридско говорно подрачје).

Во исто време „нашиве“ поглавици си ги храбрат своите племиња. Секој на свој начин. Ретерирање на ставови, реков, не реков, не мислев така. Им треба еден прес да кажат нешто и уште две трибини и еден семинар да се дообјаснат што сакале да кажат на пресот.

Едниот убедува дека сите карти ни се наместени и дека имаме Royal Flush во рака. Како да има тој уште некој џокер во ракавот, ама го чува за крај, откако народецот ќе си каже во недела што има да каже. Ќе видиме веќе од понеделник, кои од „матурантите“ од другово „племе“, веќе објавени на „таблото“ на социјалните мрежи ќе преминат во друго одделение, затоа што „класниот не ги сакал“ или затоа што новиов класен „ќе им ги оправдал неоправданите“.

Другиов поглавица пак – те сака, те не сака, вака да беше, ама да не беше така, ако беше вака ќе гласавме, сега ќе гласаме, ама во себе, вие ако сакате гласајте, ќе правиме ајвар, лутеница, малиџано… Тој си знае, голем е, ама треба да му е јасно дека ако некаде изгуби деновиве, ќе изгуби токму кај неговите. ВМРО-ДПМНЕ од секогаш биле мажишта со став, кои во лице на секој од своите и овие другиве, демек „свилениве“, им кажуваа како стојат работите (според нив секако). И тоа ми е легитимно и немам проблем со тоа.

Шо знам, можда грешам, ама не ми е за мене, за синовите и внуците мои ми е…

Ако ова помине, едно е јасно – фактурата за договорот со Грција ќе се плаќа, покрај во драхми, уште во три валути – левови и леки, а кусурот секако ќе е во динари.

Големи сте, си знаете вие како…
Ај, со лес…

Сашо Митан
28.09.2018 година