nasilstvo ucenici

Во охридските училишта не е забележан случај на врсничко насилство како оној со девојчето од Скопје

Охрид, 4. октомври 2018 (ОХРИДПРЕС) – Во охридските училишта не е забележан случај на врсничко насилство, како оној од пред неколку дена во Скопје, кога девојче беше фрлено од прозорец од соучениците.

Овој случај ги отвора прашањата за што е тоа што ги тера децата да прифаќат такви типови на „игра“.

Граѓаните бараат одговорност, прашуваат каде се изгубија вредностите кога за секоја грешка, или можеби насилство на улица или во училиште, следуваа и соодветни воспитни мерки. Психолозите сметаат дека ваквите инциденти кои ги има се почесто во последно време, треба да не замислат сите нас воопшто, сите субјекти во нашето општество. Како нешто да недостасува, како да е прекината врската помеѓу сите субјекти кои се поврзани со развојот на детето.

За среќа во охридските училишта не е забележано врсничко насилство од ваков вид. Психологот во ОУ „Братство единство“, Стојна Танос во изјава за Супер радио и OhridPress потенцира дека во нивното училиште не е евидентиран случај на насилство меѓу учениците како скопскиот.

nasilstvo deca

– Тука не се практикуваат такви „игри“. За среќа, засега тоа се вообичаени конфликти кои се случуваат меѓу децата и се решаваат, нормално ако има конфликт, со разговор со одделенски наставник, со родител и слично. Кога станува збор за насилството, воопшто, можам да нагласам дека влијанието на видео игрите, влијанието на одредени медиуми и технологијата која ја користат децата довдува до тоа кај одредена група, особено кај младите од седмо до деветто одделение потешко да се развива и да се јавува чувството на емпатија за другиот.  Треба да се работи на воспитната функција, на истакнување на одредени вредности, почитување на личноста на другиот, без разлика на нивната различност во секој поглед, подвлече Танос.

Во таа насока, ја истакна како значајна соработката со родителите, која доколку отсуствува многу лошо ќе влијае и ќе се одрази на целокупниот развој на младата личност. Тука секако не може, а да не се споменат современите технологии и начините на комуникација, кои ги оттуѓуваат децата.

deca mobilen

– Во одредени ситуациии е многу важна и улогата на Центарот за социјална работа, преку тие едукативни работилници кои се неопходни да се применуват, да се работи со децата од најмала возраст, за да се развие тоа чувство, да се научат децата да комуницират меѓу себе и на друг начин, не само преку технологијата. Таа ги направи да комунициираат најчесто преку телефон, наместо лично да седнат и да разговараат, вели Танос.

Последниот случај во Скопје, претходно оној во Неготино, посочуваат дека нешто недостасува, дека е прекината врската помеѓу сите субјекти кои се поврзани со развојот на младите. Се отвора дилемата што е тоа што ги води младите кон вакво однесување. Дали е тоа од што сакаат да бидат интересни, желбата да се биде „ин“ на социјалните мрежи дали е губењето на емпатија или пак промени во системот на вредности. Како и да е, ваквите случаи треба да не натераат да бидеме будни и да водиме сметка за развојот на идните генерации. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива