kalista

Црковно-народен собор во манастирот „Света Богородица“ во струшко Калишта

Струга, 5. октомври 2018 (ОХРИДПРЕС) – Македонската православна црква – Охридска архиепископија, од денес до 7-ми октомври ќе одржи Архиепископски црковно-народен собор, во манастирот „Света Богородица“ во струшкото село Калишта.

Соборот се поклопува со јубилејот, еден милениум од основањето на древната Охридска архиепископија, што МПЦ-ОА го слави како поврзување на својот континуитет со ОА. Главни теми на соборот ќе бидат реорганизација и јакнење на кадровскиот потенцијал на Синодот на МПЦ-ОА, како и потврдување на новите епархиски граници на црквата. Се очекува присуство на сите членови на Синодот на МПЦ, како и присуство на по пет делегации од секоја епархија. На соборот ќе има и претставници што не се дел од свештенството, односно претставници од народот.

Црковни извори велат дека на овој собор ќе се разгледуваат и измените на Уставот на МПЦ, кои се однесуваат на делот на границите на епархиите, кои беа променети по изборот на двајца владици на некогашната Полошко-кумановска епархија. Исто така, се очекува дека во Уставот на МПЦ ќе се потврди и поделбата на двете епархии во Австралија.

Првиот собор се одржал на 4-ти и 5-ти март 1945 година во Скопје. На соборот е утврдена вековната желба на македонскиот народ за возобновување на Охридската архиепископија според 17-то и 30-то правило на Вселенскиот собор, и според 800-годишното постоење на Охридската архиепископија како Помесна православна црква како дел од едната, света, соборна и апостолска црква. На соборот е утврдено да се изберат епископи од македонскиот народ, како и да се задржи карактерот на Охридската архиепископија како родна црква на македонскиот народ. (Крај)

извор: Нова Македонија фото: архива