Забава Избор

Плочата е повторно во мода

Скопје, 25. септември 2019 (ОХРИДПРЕС) – Ако имате грамофон во подрум, може да го подготвите за музика зашто плочите се враќаат на голема врата.

Тоа не го кажуваат само пасионираните приврзаници на винилот и колекционерите, за кои тие никогаш не ни излегле од мода, туку го потврдува и статистиката. Продажбата расте во последните пет-шест години во светот и годинава првпат од 1986 има повеќе продадени грамофонски плочи отколку продадени цедиња.

Според средногодишниот извештај кој Американската асоцијација на индустријата за снимање (RIAA-Recording Industry Association of America’s) го објави овој месец, а го пренесе музичкото списание „Ролинг стоун“, винилните изданија во првата половина од годинава заработиле 224,1 милиони долари со продадени 8,6 милиони примероци. Во првите шест месеци од 2019 приходите од винил пораснале за 12,9 проценти, а приходите од компакт-дискови стагнирале. Со „воскреснувањето“ на плочите, тренд во светот е и реобјавување албуми на класичните рок-групи, а најпродавани се плочите на „Битлси“.

Преродбата на плочите веќе трета година се празнува и кај нас – в сабота (28 септември) во МКЦ од 14 до 02 часот ќе се одржи третата винил-конвенција „Skopje Vinyl Convention“  на која ќе учествуваат  50-ина диџеи и  40-ина плочари, колекционери и препродавачи (дилери) од Балканот. Настанот во соработка со МКЦ го организира „Фанки фреш“ – здружение на диџеите Чваре (Мартин Христовски) и Гоце (Гоце Трпков) кои никогаш не се откажале да пуштаат музика од плочи.

Посебна страст им се малите 45-ки, сингл-плочи со пречник од 7 инчи. Горди се дека годинава токму тие снимија мала плоча што во земјава не се случило цели 28 години т.е. од септември 1991 кога „Ластовица“ (Роберт Саздов и Владо Јаневски) ја сними „Ќути живти се“ (песна и инструментална верзија). Нивната плоча е печатена во Германија, наменета е за диџеи и содржи две модифицирани верзии на песни од американски изведувачи.

– Во светот има неверојатно враќање на винилот и се чека по четири-пет месеци за печатење плоча. Затоа што некаде од средината на 1980-тите не е направена нова преса за плочи. За популаризација на винилот придонесоа и евтините грамофони што во последните години се појавија на пазарот. Тоа ги сврти многу луѓе, зашто грамофон, игла и целата опрема да се купи беше скап спорт. Сега ги има и за 4.000 до 5.000 денари сосе звучници, ги има дури и на батерии. Но нус-појава сега е што има луѓе кои за да го искористат овој бран на винил, плочите не ги прават од винил, туку од цедиња. Се случува да купиме нова плоча, а звукот да е ужасен, вели диџеј Гоце за МИА.

Многу наши бендови, главно од алтернативната сцена, своите албуми непрекинато ги објавуваат на „долгосвиречки“ 12-инчни винили (ЛП-плочи кои имаат 33 вртежи во минута) и ги печатат во странство, најчесто во Германија и Чешка.

Податоци за сите македонски винили се содржани во „Македонска дискографија – 1958-2019, прв том“ на Тошо Филиповски, во која тој евидентирал 333 винилни изданија. Тоа не е конечниот број зашто не ги опфатил во целост шлагерите и фестивалските плочи, како и класичната авторска музика.

Целиот текст прочитајте го ТУКА. (Крај)

извор: Плус инфо фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука