Започна одбележувањето на 11-ти октомври – Денот на народното востание

Охрид, 10. октомври 2018 (ОХРИДПРЕС) – Со свечена програма што се одржа во големата општинска сала, започнаа манифестациите за одбележување на 11-ти октомври – Денот на народното востание.

Пред бројната публика пригодно обраќање имаше градоначалникот на Охрид, проф. д-р Јован Стојаноски.

– Четиригодишната народно-ослободителна епопеја на Македонскиот народ во Втората светска војна, ги постави темелите на новата Македонска држава и го реализира многу вековниот сон на Македонскиот народ за создавање сопствена држава.Континтинуираната борба на македонскиот народ резултираше со формирање на самостојна и независна Република Македонија, како единствена државна територија на Македонскиот народ на овие немирни Балкански простори. Затоа, 11-ти октомври, не преставува само придружување на македонскиот народ на светската антифашистичка коалиција, туку истовремено неговата големина е во спојување на временскиот континуитет на вековниот сремеж на Македонецот за опстојување на својата територија и приклучување на својот народ и својата држава кон големото Светско семејство на народите. Во таа смисла, славни и неизбришливи се трагите на револуционерниот и бунтовен 11-ти октомври 1941 година, нашиот патоказ низ бурните времиња се до создавањето на сопствена држава, порача градоначалникот Стојаноски.

Тој напомена дека Охрид и Македонија денес го одбележуваат празникот на македонскиот непокор.

– Во сите периоди на своето опстојување, Охрид бил дел од историските настани кои ја одредувале иднината на македонскиот народ, испишувајќи ја на таков начин сопствената историја и неспорниот придонес во градењето на европската цивилизација. Во својот повеќе децениски слободарскиот од, градот доживува континуиран национален, социјален, културен и научен развој кои го продолжуваат неговиот сјај на културна и духовна метропола на македонскиот народ и воопшто на Сесловенскиот свет. И покрај сите специфики на времето во кое живееме, сложеноста на состојбите во кои се наоѓаме, градот успева да ја сочува својата одлика-да биде репрезент на целата македонска историја, традиција и култура.За многу одлуки во животот потребна е храброст. Но, најголема е храброста да се задржи своето и подготвено и  достоинствено  да се  одговори на предизвициите кои ги носи  иднината. Нам ни е потребна онаква храброст каква што во себе го содржи тој 11 Октомври,  датумот кој го насочи текот на историјата, поставувајќи ги темелите на  идниот националниот развој. Затоа овие датуми се неизбришливи и инспиративни за генерациите кои доаѓаат.  Почитувани борци, почитувани присутни, нека ни е честит и долговечен 11-ти октомври, симболот на непокорот на македонскиот народ, истакна во своето обраќање градоначалникот, Стојаноски.

Пред присутните историски час одржа Наце Иваноски од ОО на Сојузот на борци.

Чествувањата по повод 11-ти октомври продолжуваат утре, кога во 11:00 часот делегации од општина Охрид и останати претставници од јавниот и политички живот ќе положат свежо цвеќе на Спомен обележјето од НОБ во Градскиот парк, во дворниот простор на Основен Суд во Охрид, пред Економското училиште „Св. Кирил и Методи“ и кај Градските гробишта. (Крај)

извор: Општина Охрид фото: Општина Охрид