staracarsijaohrid

Со државни пари ќе се разубавуваат седум дуќани во Старата охридска чаршија

Скопје/Охрид, 10. октомври 2018 (ОХРИДПРЕС) – Министерот за економија Крешник Бектеши ги потпиша договорите со општините Охрид, Чаир, Центар и Битола за имплементација на проектот „Ревитализација на излозите старата чаршија“.

– Целта на проектот за уредување на излозите во старите чаршии низ државата е враќање на автентичниот изглед на чаршиите, а воедно и нејзино разубавување и привлекување на што поголем број на посетители и туристи. Ние во во рамки на Програмата за развој на туризмот за 2018 предвидовме, после скопската, да ја прошириме оваа активност и на останатите чаршии, и тоа во соработка со општините на чија територија се наоѓаат тие. За реализација на овој проект годинава обезбедивме буџет од 16,5 милиони денари, а преку јавен повик беа поканети општините Охрид, Чаир, Центар, Битола и Струга да аплицираат, притоа запазувајќи ги условите од самата техничка документација и предмер-пресметките, кои ги дистрибуиравме до нив. На повикот пристигнаа вкупно 182 апликации, а од услови согласно повикот исполнија 160 дуќани, од кои 115 од скопската, 38 од битолската и 7 од охридската чаршија. За жал, од струшката чаршија не добивме апликации, рече министерот Бектеши, додавајќи дека општините ќе имат рок од 1 година за имплементација на споменатите активности, а дуќанџиите немаат никаква обврска да партиципираат нивни средства, односно сите средства се обезбедени од страна на Министерството за економија, како и дозволите од надлежните институции одговорни за чаршиите, како што се Министерство за култура и конзерваторските центри.

Согласно анализите на Министерството за економија предвидено е за секој дуќан да се издвојат по 100.000 денари, а општините имаат обврска да ја спроведат реализацијата на проектите и тоа Чаир за 97 дуќани, општина Центар за 18, општина Битола за 38 и општина Охрид за 7 дуќани. (Крај)

извор: Министерство за економија фото: архива