taste ohrid press

Започна „Taste Ohrid“: Со локални продукти до нови специјалитети и атрактивна гастрономска понуда

Охрид, 12. октомври 2018 (ОХРИДПРЕС) – Светски познати готвачи, носители на престижните Мишелин ѕвезда ќе приготвуваат нови специјалитети со локални производи кои во иднина ќе бидат дел од менијата во охридските угостителски објекти.

Со Мастер класови на готвачите Џорџо Дијана, Раду Занеску и Џорџо Костиќ започна манифестацијата „Taste Ohrid“, што за првпат се организира во нашиот град.

Овој атрактивен настан ќе се одржува до недела. Акцентот ќе биде ставен на кулинарството и гастрономијата, а ќе опфаќа и уште неколку активности.

Преку ова случување настојуваме да реализираме две цели, од една страна продолжување на туристичката сезона, а од друга  подобрување на туристичката понуда, рече градоначалникот на Охрид, проф. д-р Јован Стојаноски.

– Во тој дел се насочуваме кон гастрономскиот сегмент  и настојуваме да имаме подобра понуда со што Охрид би се претставил како гастрономска или кулинарска дестинација. Среќен сум што тука се присутни повеќе  шефови на кујна кои што своите знаења ќе ги пренесат и на нашите готвачи  со што ќе придонесат во постигнување на нашите основни цели во организирањето на овој настан и секако формирање на еден нов сегмент на туристи  кои што би дошле во Охрид да ги вкусат кулинарските специјалитети, подвлече Стојаноски.

Светски познатиот шеф, Италијанецот Џорџо Дијана е за првпат во Македонија, а неговите мајстории со храната ќе може да се пробаат утревечер од 17:00 часот на  гала вечерата во хотелот „SU“. Основна цел на нашиот престој овде е како со локални производи да се подготват модерни специјалитети. Открива дека за да се подготви добра храна, не треба многу состојки, потребни се многу љубов и трпение.

Dzordzo Dijana– Ние овие денови ќе подготвуваме храна со исклучиво домашни, охридски производи дека може да се направи одлична храна која понатаму ќе биде презентирана од угостителските објекти. Нашите култури се различни, но ќе се обидам да направам комбинација на италијанската и македонската кујна, рече Дијана.

Шеф Раду Занеску пред три години бил за првпат во Охрид. Вели дека за нив, шефовите, многу важно е што со користење на локалната храна се бориме против антиглобализацијата на кујната, имајќи во предвид дека на трето место во светски рамки, во однос на работите кои се бараат во туризмот, после сместувањето и културно-историските споменици е гастрономијата која е најрепрезентативен показател на локалното население и традиции. Шефот Занеску даде и некои атрактивни имиња на јадењата кои ќе се приготвуваат, како „Јагнешко во боите на есента“, „Охридска пастрмка во ликот на Охридско Езеро“.

Radu ZaneskuЗа професорката на ФТУ, Ангела Василеска, овој настан е едно големо гастрономско освестување кое треба да дејствува во повеќе сфери. Едната е да се работи на усовршување на нашите локлани шефови во презентација на домашната кујна, а од друга страна треба да работиме и на нашето локално население и турстите кои треба да бидат со поголеми очекувања од она што се дава како понуда во угостителските обекти.

– Овој настан треба да биде и голема мотивација на нашите шефови на Факултетот за туризам, кои ќе бидат креатори на гастрономската понуда. Креирањето на менијата е исклучително важно. Она што им недостига на нашите шефови е креирање на имињата на специјалитетите, потенцира Василеска.

Во рамки на манифестацијата денес ќе биде презентиран и новиот авторски коктел, „Ohrid Sunset“ или „Охридско зајдисонце“, на охридскиот бармен Даниел Новиќ.

На оваа манифестација ќе можат да се вкусат многу специфични јадења, како суши од охридска пастрмка, ѓеврек „Охридска тврдина“, десерт „Канео“ и се тоа приготвено од локални производи.

Во рамки на „Taste Ohrid“, утре и задутре ќе се одржат две велосипедски тури низ Националниот  парк „Галичица“ и околу Охридското езеро. Организатор на турите е туристичкиот кластер ЕДЕН. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес