bratstvo ispituvanje

Се испитува тлото каде ќе се гради новата зграда на ОУ „Братство единство“

Охрид, 12. октомври 2018 (ОХРИДПРЕС) – Започнаа подготовките околу проектот за изградба на нова зграда на ОУ „Братство единство“ во Охрид.

Минатата недела архитекти од фирмата „Ива ком“ од Кичево, што го работат планот на објектот, извршија испитување на тлото на кое треба да се гради новиот објект на училиштето, информира за Супер радио и OhridPress директорот на училиштето, Џемал Мехмед.

– Се бушеше на длабочина до 12 метри да се испита какво е тлото за да се види со каква подлога треба да се оди во градбата на училиштето. Од прилика до Нова година треба да се заврши со документацијата, градежна дозвола итн. Па, потоа ќе следи објавување на тендер за рушење и ќе се премине кон изградба. Проектот што се однесува на електрика и водовод е готов, останува уште да се комплетира проектот за греењето, рече Мехмед.

Тој потенцира дека се оди според планот, а со рушењето на училиштето ќе започне во февруари или најдоцна во март идната година. Додека траат градежните работи, еден дел од децата настава ќе следат во ОУ „Св. Климент Охридски“, додека првачиња и децата од второ одделение ќе учат во подрачното училиште во Лескајца.

bratstvo ispituvanje 2Новиот објект кој ќе се гради на постојната локација на училиштето ќе биде П+2. Ќе зафаќа површина од 5.000 м² училишен простор плус 700 м² спортска сала. Ќе има поголем број училници, кабинети, како и простории за предшколска возраст. На првиот кат ќе бидат канцеларии за раководството и стручните служби на училиштето, ќе има наставничка канцеларија, библиотека, а за учениците со посебни потреби ќе има амбуланта и лифт. За учениците ќе има и трпезарија од 150 м² и училници за дневен престој. Спортската сала ќе има димензии на кошаркарско игралиште, со трибини за 300 лица. Училиштето ќе располага со 38 паркинг места, а околниот простор ќе биде партерно и хортикултурно уреден.

По речиси четири децении, со овој проект во Охрид ќе се гради нова училишна зграда, како резултат на потпишаниот протокол за соработка помеѓу општина Охрид и турската владина агенција за соработка и координација – ТИКА за изградба на нов објект на постојната локација на ОУ „Братство и Единство“. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес