046 - За Охрид се зборува Избор Охрид

Јовановски: Искреноста на СДСМ за вистината на Охрид

Охрид, 17. април 2015 (ОХРИДПРЕС) – СДСМ рече „бомба“ за Охрид. И би „бомба“ за Охрид. Иако веќе испукана, ама се направи уште еден обид.

Уште кога претседателот на СДСМ, Зоран Заев минатата година ја најави „бомбата“ за Охрид сите се прашуваа што би можела да содржи. Сите, и од власта и од опозицијата. Изјавата предизвика огромен интерес, затоа што Заев најави дека Бакрачески ќе треба да се срами како стигнал до позицијата прв човек на Охрид.

И како што започна проектот „Вистината за Македонија“, СДСМ тргна со целосна искреност што граѓаните ја препознаа. И охриѓани препознаа искреност во тој проект и едвај чекаа да пукне и охридската „бомба“. Секојдневно низ чаршијата се претпоставуваше кои разговори ќе ги има од градоначалникот Никола Бакрачески, кои разговори ќе ги има од претседателот на ВМРО-ДПМНЕ во Охрид, Атанаско Михаилов, кои разговори ќе ги има од локалните функционери на ВМРО-ДПМНЕ. Како што наближуваше „бомбата“ така неизвесноста беше се поголема, но во ниту еден случај, мислам дека ниту еден охриѓанец не ни претпоставуваше дека ќе нема разговор на НИТУ ЕДЕН локален функционер.

Да, НИТУ ЕДЕН.

Најголем дел од објавените разговори веќе беа објавени во претходните „пукотници“ во кои повторно главни актери беа неколку луѓе од централното раководство на ВМРО-ДПМНЕ. И пак ќе повторам, НИТУ ЕДЕН локален. Ако навистина биле преслушувани над 26.000 граѓани, сигурно во нив биле и локалниот врв на ВМРО-ДПМНЕ во Охрид. Ама која е причината што не беа објавени, знаат најверојатно само во СДСМ. Евентуално и во ВМРО-ДПМНЕ.

Како што вчера се приближуваше колоната на „Маршот на вистината“ до зградата на Општина Охрид, неизвесно беше како каков однос ќе имаат учесниците во него. И нормално, пред седиштето на Локалната самоуправа свирежи, извикувања, пцовки и слично. И јас сакав да се приклучам кон свирежите и извикувањата ама бев на работно место. Ама во мене и јас извикував и свирев. Но, залудни беа и свирежите и извикувањата и пцовките после вчерашната прес-конференција на СДСМ и обелоденувањето на „вистината“ за Охрид. Во Прилеп имаше локална бомба, го слушавме градоначалникот. Во Куманово имаше бомба, слушавме кумановски локални функционери. Во Битола имаше бомба, го слушавме битолскиот градоначалник. Во Охрид имаше бомба, не слушнавме ниту еден локален функционер.

Овде се јави првиот сомнеж на СДСМ за искреноста во проектот „Вистината за Македонија“. И се надевам последен затоа што со живот се заложени пред граѓаните дека до крај ќе ја обелоденат вистината. Не смее и другите граѓани да се разочараат како охриѓани.

P.S. Вистината за Македонија мора да се обелодени до крај. Овој режим треба да се разобличи до крај.

Продолжуваме понатаму! (Крај)

Филип Јовановски

0465zaednicka** „046 – За Охрид се зборува“ е проект на Супер радио и OhridPress и истиот има за цел да се сврти вниманието на охридската јавност кон одредени теми. Објавувањето колумни и мислења од надворешни автори е одраз на намерата – Супер радио и OhridPress да бидат вистински глас на заедницата и да објават различни мислења, но и начини за подобрување на одредени состојби. Напоменуваме дека не се согласуваме секогаш со ставовите што ги изнесуваат колумнистите. Супер радио и OhridPress се оградуваат од евентуален навредлив речник и конотации, и ги сметаат за непримерни во јавната комуникација.

Во петтиот дел од „046 – За Охрид се зборува“, кој ќе трае од почетокот на април до крајот на мај 2015 година, ќе пишуваат и дебатираат новинарот Филип Јовановски, вљубеникот во природата Петар Бафчанџиев и Радован Димитриевски од ЗРРСК „Св. Апостол Петар“.

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука