Охрид, 27. јануари 2021 (ОХРИДПРЕС) – Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено по наместа влажни коловози.
Снег со слаб интензитет провејува во Прилеп и на планинскиот премин Стража.
– На патниот правец Тетово-Попова Шапка има забрана за движење на тешки товарни возила, а се препорачува задолжителна употреба на зимска опрема за лесни моторни возила и автобуси на истиот патен правец. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини, од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и за излез од државата, информираат од АМСМ.
Препорачуваат прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има појава на утринска магла и можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово-Велес, Маврово-Дебар-Струга, Виница-Берово и Кочани-Делчево.
На сила е законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15-ти март 2021 година. (Крај)
извор: АМСМ фото: Нова Македонија