Охрид, 15. април 2021 (ОХРИДПРЕС) – Охриѓанецот Кадри Селман, вработен во „Паркови и зеленило“ на ЈП „Охридски комуналец“, создава убавина која плени, афирмирајќи го градот во вистинското светло.
Пред фигурите, кои Кадри ги обликува од украсните грмушки, застануваат охриѓани и гостите, испуштаат по некоја воздишка, честитаат, сликаат, прават селфи за спомен.
Денеска Кадри работеше во центарот на градот и го средуваше зеленилото пред споменикот на Св. Климент Охридски, а едно од неговите дела, доби и заштитна маска.
Кадри Селман, е вработен во „Паркови и зеленило” на ЈП „Охридски комуналец”. Се` е негово, од идеја до реализација. Дури и самиот си купил специјални ножици. Кадри е уметник-самоук, вели, со две дипломи за средно образование. Завршил техничко-текстилно, но и електро-машинско училиште.
– Во ЈП „Охридски комуналец“ сум над 30 години, а во „Паркови и зеленило“ полни 15. Фигури обликувам десетина години. Работам сам, иако би сакал да имам помошник, на кого ќе му ја пренесам вештината на обликување фигури, вели Кадри. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: Кадри Селман