Охрид, 15. февруари 2021 (ОХРИДПРЕС) – Во охридската Општа болница моментално се хоспитализирани 40 пациенти позитивни на коронавирусот и уште 10 сомнителни случаи.
Првиот човек на болницата д-р Горан Балески за Супер радио и OhridPress информира дека 20-на пациенти се со тешка клиничка слика и се на кислородна поддршка.
– Имаме и тешки случаи, над 20 се на кислород. Возраста на пациентите е меѓу 50 и 84 години. Во однос на појавата на британски сој на вирусот анализи и евиденција прават институтите во Скопје, за нас е важно да се грижиме за секој пациент, да прими терапија и да добие соодветна нега, потенцира д-р Балески.
Во градов моментално има 398 активни случаи на коронавирус. Од почетокот на месецов заклучно со вчера регистрирани се 221 новозаболен, 187 оздравени и 7 починати пациенти.
Во многу скоро време ќе биде пуштена во функција и модуларната болница и истата е во опција да биде и вакцинален пункт за имунизација од COVID-19. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес