мај 11, 2021

Скопје, 11. мај 2021 (ОХРИДПРЕС) – Владата денеска од 12:00 часот ќе одржи редовна седница, на која ќе се разгледува и предлогот на Главниот координативен кризен штаб за олабавување на рестриктивните мерки, што доколку се усвојат ќе почнат да важат од утре.

Скратување на полицискиот час, работа на угостителските објекти во отворените делови до 23:30 часот и отпочнување со работа на вежбалните, фитнес центрите и теретаните, се дел од предлозите. Според новите мерки што се предлагаат, полицискиот час ќе трае од полноќ до 05:00 часот и се дозволува користење на годишен одмор за здравствените работници. Настаните ќе се одржуваат согласно наменските протоколи, со исполнетост до 30 проценти од капацитетот на затворениот простор, а се зголемува и бројот на деца кои може да се згрижат во една група во градинките, од 15 на 20 деца.
Олабавувањето на мерките е предложено врз основа на епидемиолошките текови и состојби во државата, намалување на бројот на хоспитализирани лица и бројот на заразени лица.

Министерот за здравство Венко Филипче изјави дека уште е рано за да се даде општа препорака за маските да не се носат на отворено.

– Следниот чекор би бил, но сé уште е рано да кажеме кога би било тоа, да се носат маските како претходно, односно само во група надвор. Засега е рано. Тоа ќе биде следно за што ќе разговаравме. Утрово инициравме дискусија и заклучокот е дека треба да почекаме уште недела или две, рече вчера Филипче.

Засега е рано и да се организираат свадби и концерти затоа што луѓето нема да ги почитуваат мерките.

– Сé уште не се дозволени концертите и свадбите бидејќи стравуваме дека во овие случаи може да се намали дистанцата меѓу луѓето кои се присутни и затоа одиме постепено. Ако продолжат трендовите, ќе бидат дозволени и концертите, истакна Филипче. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука