Охрид, 9. март 2021 (ОХРИДПРЕС) – Во првите седум дена од март, според статистичките податоци во Охрид се регистрирани 152 нови позитивни случаи на COVID-19.
Евидентен е порастот во бројката на новодијагностицирани. Токму Охрид е меѓу градовите каде изминативе недели забрзано се шири британската мутација на вирусот. Во првата недела од февруари биле евидентирани 113 нови случаи, а во последната 122 случаи.
Благ пораст има и во брјот на хоспитализации. Од 45 на почетокот на февруари, деновиве има 60 пациенти кои се згрижени во охридската болница. Почна со работа и модуларната болница, а првичниот капацитет од 40 легла од пред неколку дена е зголемен на 55. Тука е сместено инфективното одделение, а на геријатрија се примаат сомнителните случаи.
Во анализираниот период се бележи пораст во бројот на оздравени пациенти, имало 124 и само едно починато лице. Моментално во Охрид има 440 активни случаи на коронавирус.
По речиси една година од првото воведување полициски час во Македонија, повторно сме соочени со иста ситуација. Предложено е полицискиот час да трае од 22:00 до 05:00 часот на територијата на цела држава секој ден во наредните две недели, почнувајќи од утре. Целта е да се намали движењето по затворањето на угостителските објекти,сведоци сме дека младите се собираат на јавни површини и очигледно е дека британскиот сој очигледно си го прави своето, присутен е во над 70% од случаите, вели министерот за здравство Венко Филипче.
– Рестрикцијата е во интерес на заштита на јавното здравје. Ние имавме стабилен период, помеѓу двата бранови каде немаше рестрикции за разлика од други земји, но ова е силен бран и сме приморани да препорачаме едне ваква мерка. Психолошки можеби влијае кај луѓето, но барам разбирање и поддршка. Сето ова е во интерес на заштита јавното здравје, со цел овој бран на некој начин да го амортизираме, дециден е Филипче.
И министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, во пресрет на владината седница на која треба да се одлучи за полицискиот час кој го предлага Комисијата за заразни болести, не сакаше да прејудицира каква ќе биде конечната одлука, но порача дека е подобро да има рестрикции на пократко време, отколку да се оптовари здравствениот систем. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес