Охрид, 3. март 2021 (ОХРИДПРЕС) – Во текот на месец февруари во Охрид се регистрирани 434 нови позитивни случаи на COVID-19.
Споредено со јануари имало повеќе новозаразени. Минатиот месец се зголеми и бројката на хоспитализации, а Охрид беше и сé уште е меѓу градовите посочени како жаришта на британскиот мутиран сој на вирусот.
Во февруари се евидентирани 351 оздравено лице, што е помалку во однос на претходниот месец, а намалување има и во бројката на починати лица, регистрирани се 17 пациенти.
Според последните податоци во охридската Општа болница се хоспитализирани 56 пациенти, од кои речиси 70% се на кислородна поддршка, а има и потешки случаи.
Од вчера почна со работа и модуларната болница комплетно опремена, со капацитет од 40 легла. Тука е преселено инфективното одделение, со дежурен интернист и инфектолог, на геријатрија ќе бидат сместени сомнителните случаи на COVID-19, а нервното одделение ќе се врати на редовната работа.
– Во модуларната ќе има дежурен интернист и инфектолог и уште еден интернист ќе има на интерно. Покрај ова, ни се доделени уште осум контејнери, што ќе значи зголемување на капацитетот на модуларната болница за околу 12-13 легла, изјави за Супер радио и OhridPress директорот д-р Горан Балески.
Моментално во Охрид има 438 активни случаи на коронавирус. Од почетокот на пандемијата евидентирани се 3.280 заразени со COVID-19, оздравени се 2.707 лица, а битката со вирусот ја загубија 135 пациенти. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес