јануари 16, 2021

Охрид, 16. јануари 2021 (ОХРИДПРЕС) – Во чест на Богојавленските празници, Историскиот архив на град Охрид и Лајонс клубот „Лихнидос“ направија дигитална верзија на интересен архивски материјал, наречен Рибарски алманах.

Станува збор за регистар на лиценцирани рибари во Охридското езеро, од периодот 1934-1941 година, единствен од таков вид во нашата земја. На тој начин, оваа ретка колекција на имиња и фотографии станува достапна за пошироката јавност. Овој чин претставува своевиден поклон за охриѓани за Денот на рибарите.

В.д раководителот на Историски архив – Охрид, доцент д-р Никола Митровиќ Бабе, вели дека со првата дигитална верзија на алманахот се претставени 150 рибари (од вкупно 480, кои биле регистрирани во тој период и ги има во оригиналниот документ).

– Многумина наши сограѓани ќе можат да си ги видат своите претци, па дури и да си ги најдат корените на сопствените имиња. Нема сомнение, традицијата во Охрид, Струга и околните рибарски села е силно изразена преку пренесување на истите имиња од колено на колено, појаснува д-р Митровиќ.

Проф. д-р Зоран Тунтев, кој е иницијатор на акцијата го искажува задоволството од соработката со Архивот на град Охрид и испраќа благодарност до сите кои помогнале во реализацијата на иницијативата.

– Ова не е наша прва заедничка иницијатива, а сигурен сум дека нема да биде ни последна, потенцира проф. Тунтев. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука