Охрид, 3. мај 2021 (ОХРИДПРЕС) – Православните верници денес го слават вториот ден од најголемиот христијански празник Велигден, познат и како Светол понеделник.
Воскресението Христово завчера на полноќ беше објавено во сите храмови на Македонската православна црква. Поради корона пандемијата годинава во помал број, дел од верниците ги посетија црквите низ Охрид, запалија свеќи и се помолија за добро здравје, среќа и благосостојба во домот и на своите најблиски.
Христовото Воскресение Велигден се смета за најголем христијански празник, ден кога Исус Христос ја докажал својата божествена моќ и воскреснал од мртвите. Овој празник е спој на верата и традицијата, негувана од памтивек, а почнува на Велики четврток кога, пред изгрејсонце, домаќинките ги бојадисуваат првите црвени велигденски јајца.
Со денешниот Светол понеделник започнува светлата недела. Со оглед на тоа дека Велигденското славење трае три дена, на денешен ден се продолжува обилната гозба на која се честат гости, роднини, соседи, пријатели, кумови… Кај христијаните денешниот празник е познат и како Светол понеделник и за овој ден важно е да запомните дека денот треба да биде исполнет со веселба. Затоа дружете се, веселете се и целата година ќе ви биде успешна.
Откако слугите на првосвештениците израилски го фатија Исус и Го предадоа на Пилат со барање да биде распнат, а Пилат за да им угоди конечно така и пресуди иако не Му најде вина, Господ пострада со смрт на Крст. Висеше меѓу двајца разбојници, од кои едниот Го похули а другиот Го прослави, спасувајќи се со ова себеси за живот вечен. Во оној страшен миг неговите ученици се разбегаа како што Самиот им предрече; освен апостолот Јован Заведеев и мајка Му под Крстот, малку подалеку стоеја и неколку жени коишто последните години Му служеа со своите имоти. Покрај Него тогаш немаше други, освен непријателите и минувачите во неверие. Евангелието подробно пишува за смртта. Потоа Јосиф од Ариматеја, кој Му беше ученик, се осмели и го побара од Пилат телото за да го погребе. Го положија во еден нов гроб којшто Јосиф го имаше скроено во карпа. Го затворија влезот со камен и заминаа. За воскресението дознаа во мугрите во неделата, кога оние верни жени појдоа со миризливи масла на гробот за да Го помазаат телото, кое не Го најдоа. Веста ја прими прва Марија Магдалина и побрза да им јави на апостолите и тие не и поверуваа. Петар и Јован самите се стрчнаа до гробот и го најдоа каменот одвален, а од телото лежеа оставени само повоите. По ова, кога се собраа заедно во куќата, Исус им се јави и разбраа дека воскреснал. Но им го отвори умот и за да ги разбираат Писмата. Им се јави и на Лука и Клеопа додека одеа во Емаус, но не Го препознаа веднаш. Срцата им гореа на сите.
Вториот ден Велигден е прогласен за државен празник и е неработен за сите граѓани во Република Македонија. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес