Охрид, 12. јануари 2021 (ОХРИДПРЕС) – Охридскиот регион е специфичен, решение има секогаш, но не доаѓа од денес за утре. Време е за мудар пристап и посветеност во однос на исполнување на препораките на УНЕСКО, истакна градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески на гостувањето во Студио 10 на ТВ24.
Тој истакна дека истите забелешки се провејуваат и во претходните извештаи на реактивните мисии, а од 2016 година наваму на крај стои дека регионот ги исполнува условите да биде ставен на листата светско наследство во опасност.
– Препораките кои ги имаме како резултат на реактивната мисија од 2017 година се сублимат на сите реактивни мисии претходно и истите забелешки се провејуваат. Во добар дел од нив не е постапувано изминативе декади и во нацрт извештајот кој го добивме од Реактивната мисија во јануари 2020 година е нотиран извонреден напредок, меѓутоа дел од препораките потребни е да се засилат и дополнително да се имплементираат. Факт е дека имаме значаен исчекор, но градот е жива материја, се раѓаат нови проблеми кои бараат решавање. Тое е процес што ќе потрае и во сите извештаи на рективните мисии на УНЕСКО од 2016 наваму стои на крај дека регионот ги исполнува условите да биде ставен на листата светско наследство во опасност. Доколку се случи тоа, ние како држава и како општина ќе мора позасилено да ги имплементирае сите препораки. На овој последен извештај ќе поднесеме забелешки, кога ќе го имаме официјалниот извештај, ќе го коментираме, рече Георгиески.
Потенцира дека Охрид има поддрша од Владата, но не е само тоа, институционален пристап во решавање на проблемите значи функционирање на правна држава и правен систем, санкционирање на тие кои постапувале спопротивно од законот. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива