Охрид, 15. март 2021 (ОХРИДПРЕС) – Предметот за изградба на нова училишна зграда на ОУ „Братство единство“ е во имотно-правната служба, се изготвуваат решенија за регулирање на односите во делот на земјиштето, потенцира на денешната седница на Совет градоначалникот Константин Георгиески.
Архитектонскиот и урбанистичкиот проект се готови. Градоначалникот вели дека се работи на регулирање на имотно правните односи во делот на земјиштето со сопствениците на неколку мали парцели.
– Предметот е сега предаден во имотно – правна служба каде ги исконтактиравме сопствениците на тие неколку парцели со 2-3 квадрати. Се изготвуваат решенија за да се отстранат од парцелата на која е училиштето и да се отпочне постапката за одобрение за градба, рече Георгиески.
Во меѓувреме завршен е и Елаборатот за сеизмичка стабилност од страна на Институтот за земјотресно инженерство.
Во јуни 2018 година општина Охрид потпиша протокол за соработка со турската владина агенција за соработка и координација – ТИКА за изградба на нов објект на постојната локација на ОУ „Братство и Единство“, се стави параф Охрид по четири децении да добие нова училишна зграда, но за тоа ќе треба да почекаме уште малку.
Супер радио и OhridPress во неколку наврати имаат пишувано на оваа тема. Па така во август минатата година од одделението за односи со јавност ни било одговорено дека во тек е постапка за регулирање на имотно правните односи во делот на земјиштето, нешто што е актуелно и денес.
Во меѓувреме за годинава во училишниот објект во Лескајца се планирани поголеми инвестициски зафати. Она што е најново е дека е завршен тендерот за санација на влагата во објектот и решавање на проблемот со одводната канализациона мрежа, а како најдобар понудувач е избрана фирмата „Нефи ИК“. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес