април 7, 2021

Скопје/Охрид, 7. април 2021 (ОХРИДПРЕС) – Како дел од мерките за спречување на ширењето на коронавирусот од денеска за кафеаните, рестораните, баровите и клубовите важи „целосно забрана за примање гости“, додека оние што подготвуваат храна ќе можат да даваат услуги на шалтер или со достава.

Ќе ги почитуваме рестриктивните мерки, но бараме од надлежните да ни образложат дали ќе има мерки за спас на нашиот сектор, вели за Супер радио и OhridPress првиот човек на Здружението „Охридски еснаф“, Михаил Мишев.

– Затекнати сме од ситуацијата, мислевме дека ќе има тренд на намалување на бројките на новозаболени, ова ни дојде малку како шок. Сега не чека период од две недели неработење. Ние уште доцниме со помошта од петтиот пакет мерки, а еве сега се јави потреба и од нови итни мерки. Како еснаф, веќе почнавме комуникација со надлежните на државно ниво, да им ги соопштиме проблемите. Треба некој од нив да ни образложи дали ќе имаме некои мерки за спас, бидејќи друго нема што да правиме. Се насобраа многу проблеми. Да се надеваме дека ова ќе даде резултат и нема да има потреба од нови мерки, истакна Мишев.

Од Незавсната угостителска комора, чија членка е и охридското здружение велат дека доколку мерките се селективни и се наменти за угостителската индустрија, треба да бидат пропратени со некаква финансиска поддршка.

– Одлуките кои ги носи Владата не кореспондираат со потребите на туристичко угостителската индустрија, велат дека е дадена помош, но во реалноста истата не кореспондира со последиците кои ги трпиме. Укажавме дека мерките се селективни, дека не ги опфаќа сите угостители. Изминатиов период не само што се паднати приходите поради негативната кампања дека угостителските објекти придонесуваат во зголемување на заболувањето од COVID-19, ние сме доведени до ситуација да практично не можеме да планираме никаква иднина во угостителската дејност, сé додека не направиме заедничка стратегија со Комисијата за заразни болести, министерството за економија и Владата, изјави претседателот на комората Здравко Јосифовски.

Со последната одлука на Владата, забранета е работата и на угостителските делови на бензинските пумпи, а исклучок се само објектите и на меѓународните аеродроми во Скопје и во Охрид. Од денеска на обложувалниците и казината исто така им е забрането да примаат посетители, а тие ќе можат да добиваат плаќања „исклучиво преку шалтери“.

Фитнес клубовите и спортските центри нема да бидат отворени во текот на следните две недели, а исто така е забрането да се организираат семинари, курсеви, обуки и секакви конференции. Полицискиот час што почна синоќа во 20:00 часот, а трае до 05:00 часот ќе важи во следните две недели – до 20-ти април. Притоа строгата целодневна забрана за групирање повеќе од четири лица останува на сила. За време на полицискиот час ќе биде дозволено да се носат кучињата на прошетка од 22:00 до 23:00 часот, но само на оддалеченост до 100 метри од живеалиштето. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес/архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука