Скопје/Охрид, 1. април 2021 (ОХРИДПРЕС) – Државниот архив на Македонија денеска ќе одблежи јубилеј, 70 години од постоењето.
Свечена академија ќе се одржи во Музејот на македонската борба, а присутните ќе може да се запознаат со изложба и со три нови изданија, кои треба да го прикажат историјатот на Архивот и документарното богатство што го поседува.
Во издание на Државниот архив, е објавена Монографијата ,,Печат на времето – 70 години Државен архив (1951-2021)”, во која е даден преглед на растежот на оваа значајна историско-научна и културна институција, која е паметник и чувар на нашето минато и светилник за нашата иднина.
Државниот архив е основан на 1-ви април 1951 година. Самата структура на архивот низ годините била различна. Биле прво како самостојни инстититуции, во склоп на музеите, па се оттргнале. До 1991 година биле како самостојна институција, а потоа се во склоп на Државниот Архив, како подрачни одделенија. Јубилеј денеска одбележува и Подрачното одделение на Архивот во Охрид.
– Оваа институција е од огромно значење, не само за градот Охрид, туку и за целокупното западно македонско подрачје, бидејќи денешниот охридски архив опфаќа седум општини. Една од основните дејности на архивот е да пронаоѓа значајни документи кои ќе сведочат за она што се случувало низ историјата. Имаме доста фондови, лични и семејни, во кои се укажува не само дејноста на личноста или семејството туку преку нив може да се согледа начинот на живот во Охрид, изјави во неодамнешното интервју за Супер радио и OhridPress в.д раководителот на Историскиот Архив во Охрид, доц. д-р Никола Митровиќ.
Тој потенцираше дека Архивот е отворена институција, па во таа насока при крај се подготовките на галерискиот изложбен простор. Поставени се сите знамиња на општините што ги опфаќа архивот, витрините се полни со фотографии и дневниците на претходни архивски работници, а поставени се и различни машини за пишување. Ќе има постојана поставка за историјатот на архивот, а во другите пристории ќе има поставки кои ќе се менуваат во зависност од денот, на пример за одбележување на значајни датуми, личности и случувања во градот. Од неодамна е изградена пристапна патека до институцијата за инвалидизирани лица, па Архивот е достапен и за оваа категорија граѓани. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива/ОхридПрес