април 15, 2021

Охрид, 15. април 2021 (ОХРИДПРЕС) – Непречено се одвива процесот на анти ковид имунизација во Охрид.

Од почетокот на вакцинацијата, од 31-ви март, досега се вакцинирани над 600 граѓани на возраст над 77 години и хронично болни со вакцината на „Астра Зенека“.

ЈЗУ Здравствен дом Охрид првично доби 800 вакцини, а доставени се уште 200 дополнителни дози, што значи преостанати се близу 400 вакцини, вели за Супер радио и OhridPress д-р Соња Мариноска, раководител на Службата за здравствена заштита на деца и младинци.

– Вакцинацијата се одвива непречено, засега оди добро, граѓаните се јавуваат на закажаните термини, не се создаваат гужви. Пациентите се опсервираат задолжително 15 минути, а за некои случаи и по половина час откако ќе ја примат вакцината, зависно од нивната здравствена состојба. И натаму има мали отстапувања на неколку лица кои во денот може и да не се јават, меѓутоа ги примаме наредните денови или во зависност од нивната здравствена состојба како дозволува, во наредниот период, потенцира д-р Мариноска.

Ревакцинацијата на овие пациенти ќе се спроведе по 84 дена од прием на првата доза. Д-р Мариноска истакна дека досега немало пријавено несакани ефекти од вакцинацијата. Доколку евентуално во иднина дојде до тоа, од службата ќе ги пријавуваат несаканите последици до Центарот за јавно здравје, а тие понатаму ќе се процесираат до останатите надлежни институции. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука