март 1, 2021

Скопје, 1. март 2021 (ОХРИДПРЕС) – Директорот на Управата за извршување санкции, Марјан Спасовски, денеска информираше дека за притвореникот Сашо Мијалков, кој се наоѓа во истражниот затвор Скопје до правосилноста на пресудата за предметот „Таргет-Тврдина“, има направено посебен безбедносен план за да не дојде до каков било инцидент.

– Апсолутно ве уверувам дека во овој момент можеме да му ја гарантираме безбедноста и на Мијалков и на сите осудени и притворени лица. Изготвен е безбедносен план конкретно за притворениот Сашо Мијалков, за негово движење, конкретно за шетањето и се запазени сите безбедносни протоколи и стандардни оперативни процедури за да не дојде до каков било инцидент, изјави денеска Спасовски, кој денеска, заедно со министерот за правда Бојан Маричиќ и со директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски, извршија увид во текот на попишувањето во Казнено-поправната установа К’шање, Кумановско, јави slobodnaevropa.mk.

Спасовски додаде дека Мијалков е во притвор во затворот „Скопје“ во скопско Шуто Оризари, но каде ќе ја издржува затворската казна зависи од судијата за извршување санкции.

Поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузвање, Сашо Мијалков, минатата недела беше првостепено осуден на 12 години затвор во предметот „Таргет-Тврдина“, односно за незаконското масовно прислушување на над 20 илјади граѓани во Македонија. (Крај)

извор: slobodnaevropa.mk фото: slobodnaevropa.mk

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука