јануари 17, 2021

Охрид, 17. јануари 2021 (ОХРИДПРЕС) – Во вторник, на 19-ти јануари, за верскиот христијански православен празник Богојавление – Водици, со обраќање на претседателот на Република Македонија Стево Пендаровски, со почеток од 12:00 часот, ќе се одржи Интернационална Online конференција „Охридска школа за хуманизам – од средновековната доба до денес, во Европа и светот“.

Истовремено и церемонијата на прогласување на академик Абдулах Шарчевиќ, за добитник на Светската награда на хуманизмот, за 2021 година.

Градот Охрид, традиционално, на славодобитникот, како награда, му дарува статуетка на Свети Климент Охридски, во резба, а ќе ја врачи д-р Константин Георгиевски, градоначалник на Охрид, по што ќе има говор за прифаќање од страна на академик Абдулах Шарчевиќ.

Претходно беше најавено, дека за славодобитникот ќе говорат академик Георги Старделов – Добитник на Светската награда за хуманизам 2020 година и амбасадорот Јордан Плевнеш. За жал, се случи, академик Старделов да почине, меѓутоа неговата беседа тој ја заврши на 30-ти декември, така што ќе биде прочитана од страна на организаторите.

Досега, организаторот – Светската академија на хуманизмот, манифестацијата ја одржуваше од своето традиционално место, Куќата на Уранија (Македонска академија на науките и уметностите) во Охрид – градот на УНЕСКО. Годинава, поради Ковид-пандемијата и заштитните протоколи, ќе се одржи преку Интернет, со над 30 учесници кои ќе имаат свои излагања во траење од 5 до 10 минути, додека платформата ќе биде поставена во Скопје, во Кинотеката на Македонија. Воедно, ќе биде одбележан јубилејот – 15 години постоење на Светската академија на хуманизмот. Скромниот јубилеј ќе биде искористен, во Охрид, кај месноста Долна Порта – влезот во старото градско јадро, да биде поставено спомен обележје.

Идејата и нацртот се на еден од досегашните добитници на Светската награда на хуманизмот, Светлин Русев, од Бугарија, додека делото уметнички е обликувано од Жарко Башевски. Програмата, покрај прогласувањето на академик Абдулах Шарчевиќ од Академијата на науките и уметностите на Босна и Херцеговина за добитникот на Светска награда на Хуманизам за 2021 година, содржи специјална музичка изведба на ,,Химната на Свети Климент Охридски“, во изведба на професор Љупчо Коскаров и професор Дарко Мариновски од Интернационал Универзитет Европа Прима.

Учесници на Интернационалната онлајн конференција: „Охридска школа за хуманизам – од средновековната доба до денес, во Европа и светот“, се познати имиња од светот на културата, литературата, политиката, хуманизмот.

Меѓу другите: Жан Патрик Конрад, професор по физика на Империјал колеџ во Лондон, Велика Британија и претседател на Европската академија на науките, уметностите и книжевностите со седиште во Париз, Џон Ралстон Саул, добитник на Светска награда за хуманизам 2015, од Канада, Преси Ден од Европската академија на науките, уметностите(EASAL), добитник на Светска награда на хуманизмот 2018 година, Љупчо Коцарев, претседател на МАНУ, Романо Проди, поранешен претседател на Европската комисија и премиер на Италија, како и добитник на Светска награда за хуманизам 2019 година.

Потоа, академик Катица Ќjулавкова (МАНУ), Слободан Енајдер, хрватски писател и публицист, доктор Хонорис Кауза на IU Европа Прима, Фроса Пејоска – Бушеро, професор на ИНАЛКО, Париз, Фредерик Фапани фон Лотринген, од CNRJ (Cercles Nationaux de Réflexion sur la Jeunesse), од Париз.
Исто така, д-р Седрик Уанекпоне, добитник на наградата за млади хуманисти 2019, од Централно африканската република, професор Фабрис Д’Алмеида, од Универзитетски пантеон Асас II,во Париз, доктор Онорис кауза на Универзитетот Европа Прима.

Дел од оваа светска интелектуална елита се и Ралица Русева, историчар на уметноста, од Бугарија, Вида Огњеновиќ, добитник на Светска награда за хуманизам 2012, од Србија, Патриша Корбет, историчар на уметноста, од Вашингтон, САД, Педро Кадел, почесен конзул на Македонија во Лисабон. Од Македонија, исто така, учесници се Петар Јовановски, поранешен амбасадор во Индија, Драган Јањатов, македонски дипломат и публицист, професор д-р Љубомир Кекеновски и Љубомир Гајдов, од Филозофското друштво на Македонија.

– Основната мисија на Охридската академија за хуманизам е да се продолжи со визијата за Свети Климент и Свети Наум, основачи на првиот универзитет во овој дел на Европа, кој, во исто време, беше и првото училиште на хуманизмот, основано во 9 век. Тие беа ученици на апостолите Св. Кирил и Методиј. Во 1980 година, папата Јован Павле Втори ги прогласи Св. Кирил и Методиј за покровители на Европа.Охрид – градот УНЕСКО, е познат како „Словенскиот Ерусалим“ или „Балканска Венеција“, славејќи ја славата на Лихнидос (античкото име на Охрид) – Градот на светлината, низ целиот свет, појаснува амбасадорот Плевнеш.

Досегашни добитници на WOLRD- наградата за хуманизам се: Даисаку Икеда, Јапонија, Маноел Де Оливеира, Португалија, Александар Соложеницин, Русија, Рави Шанкар, Индија, Питер Брук, Франција, Вида Огњеновиќ, Србија, Херта Милер, Германија, Светлин Русев, Бугарија, Џон Ралстон Саул, Канада, Дарко Гашпаровиќ, Хрватска, Јиржи Свобода, Чешка Република, Жан-Патрик Конерад, Велика Британија, Романо Проди, Италија, и Георги Старделов, Република Македонија. (Крај)

извор: Веле Митаноски фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука