мај 10, 2021

Охрид, 10. мај 2021 (ОХРИДПРЕС) – Со низа активности поддржани од Владата, Агенцијата за млади и спорт и Центарот за јавно здравје денеска во Охрид и неколку градови во државава ќе се одбележи Светскиот ден на физичката активност.

Во рамки на одбележувањето, општина Охрид заедно со Сојузот на училишни спортови и спортски клубови од градов организираат спортски активности кои ќе се одржат на Кеј „Македонија“ во период од 11:00 до 12:00 часот. Спортувањата ќе бидат согласно протоколите за COVID 19, а за учесниците задолжителни ќе бидат заштитна маска и физичката дистанца. Предвидените спортски дисциплини се: атлетика, боречки вештини, аеробик и зумба, пинг-понг, возење скејт, ролери и велосипеди. Покрај тоа ќе се одржи и планинарска тура од Охрид до над селото Велестово и назад.

Целта на одбележувањето на Светскиот ден на физичката активност е да се укаже на важноста од спортувањето и рекреативните активности кои обезбедуваат здрави животни навики. Спортот и спортувањето се индикации за здрав и културен живот. Потребно е секојдневно движење и спортување независно од возраста и полот со цел да се одржи сопственото здравје и психомоторната способност на луѓето. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука