Охрид, 13. март 2021 (ОХРИДПРЕС) – На денешен ден во 1944 година во Охрид е родена најславната македонска маратонка во пливање, Атина Бојаџи.
Уште на 11 годишна возраст успеала да ги собори сите македонски рекорди во пливање на кратки патеки во слободен стил, делфин стил итн.
Таа била светски шампион во маратонско пливање на слатки води на Охридскиот маратон одржан во 1962 година. Вкупно двапати била светски првак на слатки води, првиот пат само со 18 години, таа до денес останува најмладиот шампион на Охридскиот пливачки маратон на сите времиња. Во 1962 година со испливување на патеката Капри-Неапол станала светски првак на солени води.
Врв на нејзината пливачка кариера е препливувањето на каналот „Ла Манш“ на 9-ти септември 1969 година, за време од 13 часа и 20 минути и со тоа станува првата Македонка, а воедно и првата пливачка од некогашна Југославија, која го остварила овој успех.
– Дочекот беше прекрасен, од селото Косел до плоштадот во центарот на Охрид имаше колони од луѓе. Јас седната во кабриолет во таа гужва го слушав гласот на син ми кој во плач викаше: Мајко, кои се овие луѓе, што е ова? Јас навистина до ден денес нема да го заборавам тој дочек, беа излезени речиси сите охриѓани, изјави Атина за дочекот во Охрид.
Во 1977 година во чест на овој подвиг на Атина Бојаџи бил снимен филмот „Исправи се, Делфина“ на Александар Ѓурчинов, со Неда Арнериќ во главната улога. Самата Бојаџи била еден од соработниците на филмот.
Потоа пливачката кариера ја заменила со тренерска, најнапред во белградскиот клуб „Црвена звезда“, а потоа и во спортскиот центар во Лос Анџелес, САД. Кон крајот на 1991 се вратила во Сараево, каде ја затекнала воената опсада на градот. Со помош на пријатели успеала да го напушти својот стан. Заедно со себе ги зела сите освоени пехари, сведоштвото на нејзиниот успех. По враќањето во Македонија била вклучена во организационите тела на Охридскиот пливачки маратон.
Во 1998 година Македонскиот олимписки комитет ја овенчува со признанието „Великан на македонскиот спорт“, а во 2000 година дневниот весникот Утрински весник ја прогласува за спортист на векот. Во нејзина чест, спортскиот комплекс кај Билјанини Извори во Охрид го носи нејзиното име.
Почина во Скопје по кратко боледување на 28-ми декември 2010 година. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива