јануари 21, 2021

Охрид, 21. јануари 2021 (ОХРИДПРЕС) – Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 8-ми јануари, Преподобен Георгиј Хозевит.

Овој Георгиј се родил во Кипар во втората половина на четвртиот век. Уште многу млад поминуваше долго време читајќи го Новиот завет и набргу во него се разгоре силна љубов кон монашкиот подвиг, па зедно со брат му Хераклид замина за Палестина. Во Палестина свети Георгиј се подвизуваше во Хозевскиот манастир крај Ерусалим (место по кое го доби и името Хозевит), како и во лаврата Каламон на реката Јордан. Се прослави како голем подвижник, молитвеник и чудотворец.

Свети Григориј, епископ Охридски

Благочестив учител и пастир на Христовото стадо. Во натписот на црквата Света Софија во Охрид се нарекува Григориј премудриот.

Светите маченици Јулијан и Василиса

Обајцата од благородни и богати родители. Венчани во брак, се заветуваа да живеат девствено како брат и сестра. Им го раздадоа сиот свој имот на сиромашните, а самите стапија во монаштво. Јулијан основа машки, а Василиса женски манастир. Јулијан имаше десет илјади монаси, а Василиса илјада монахињи. Господ ја услиши молитвата на Својата достојна слугинка и за шест месеци ги зеде кај Себе сите монахињи редум, па најпосле и нивната игуманија, самата Василиса. Пред заминувањето, Василиса имаше видение за своите сестри на оној свет: сите ѝ се јавија светли и радосни како ангели Божји и ја повикуваа својата духовна мајка да им дојде што побргу. Манастирот на Јулијан беше изгорен од мачителите. (Крај)

извор: МПЦ-ОА фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука