февруари 2, 2021

Охрид, 2. февруари 2021 (ОХРИДПРЕС) – НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид и во услови на COVID-19 и годинава достојно ќе ја чествува 128 годишнината од смртта на патронот Прличев и 160 годишнината од создавањето на неговата поема „Скендербег“.

Главниот настан во чест на големиот поет и преродбеник Григор Прличев во организација на библиотеката е закажан за петок, 5-ти февруари,  од 13:00 часот. На малата сцена во Центарот за култура што го носи името на патронот ќе се одржи промоција на најновата книга на проф. д-р Вера Сточевска – Антиќ „За Прличев и неговиот XIX  век“ во која како приредувач се јавува м-р Милчо Јованоски.  Промотор ќе биде проф. д-р Димитар Пандев.

Книгата е симбиоза од  научно – истражувачки текстови од д-р Стојчевска – Антиќ објавувани и презентирани во период од  близу 40 години наназад на разни домашни и меѓународни конференции и настани и поводи.  Покрај 12 трудови од д-р Стојчевска – Антиќ книгата содржи и  13 автографски записи, документи, мислења од м-р Милчо Јованоски. Тој изнесува податоци и слики за куќата и гробот на Григор Прличев, за семејното стебло (прв пат во печатена форма) за најстарите македонски изданија на негови значајни дела, филмови за Прличев и ред негови мисли, за Прличевите визити, за добитниците на наградата за најдобра поема.

Во деновите  пред беседите библиотеката на својата обновена веб страница ќе ја постави и сподели со посетителите на сајтот документарната снимка извлечена од архивата на МТВ – ТВ Скопје а посветана на манифестацијата „Прличеви беседи“ 1968 година – точно од пред 53 години кога се одбележала 75 годишнината од смртта на Прличев.

Истовремено на сајтот  www.bibliotekaohrid.mk ќе бидат споделени аудио изданијата „Сердарот“ и „ Автобиографијата“ кои се дел од архивираниот серијал „Звучна библиотека“ проект поддржан од Министерството за култура а реализиран од страна на охридската библиотека. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука