Охрид, 15. јануари 2021 (ОХРИДПРЕС) – И понатаму се зголемува нивото на водата во Охридското Езеро.
Според денешните мерења на Управата за хидрометеоролошки работи на Република Македонија (УХМР), водостојот на Охридското Езеро е на 15 сантиметри над минимално дозволената кота од 693.10 м.н.в. Езерото е на кота од 693.25 м.н.в што е за 13 сантиметри под месечниот просек (693,38 м.н.в). Температурата на езерската вода измерана утрово е 7 степени, што одговара на просекот за овој месец.
На почетокот на годинава езерото беше на минимално дозволената кота, а веќе од 5-ти јануари почна да се подобрува хидролошката состојба.
Времето денеска сончево со умерена облачност и студено. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Кон крајот на денот ќе настапи зголемување на облачноста, а во текот на ноќта во југозападните делови ќе провејува слаб снег.
Максималната температура во Охрид до 2. степени.
Поради продор на студена воздушна маса од север во деновите од викендот и во почетокот на следната седмица времето ќе биде многу студено со дневни температури кои во поголем дел од земјава ќе бидат под нулата. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес/УХМР